• недела, 02 март 2025

Нетанјаху вечерва ќе одржи состанок со највисоките соработници за продолжението на разговорите за заложниците, јави израелска телевизија

Нетанјаху вечерва ќе одржи состанок со највисоките соработници за продолжението на разговорите за заложниците, јави израелска телевизија

Тел Авив, 1 март 2025 (МИА) - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вечерва во 19 часот и 30 минути ќе одржи состанок со највисоките соработници за продолжението на разговорите за заложниците, јави израелскиот телевизиски Канал 13.

Израелските преговарачи вчера заминаа дома, а Хамас претходно денеска најави дека нема да прифати продолжување на првата фаза од договорот, за што Израел се залага, објави „Тајмс оф Израел“.

Хамас инсистира да се продолжи со втората фаза од договорот, за што Израел главно одбиваше да преговара во изминатиот месец.

Двајца израелски владини претставници вчера потврдија дека Израел сака да ја продолжи почетната фаза, со што Хамас би ослободувал по тројца заложници секоја недела во замена за Палестинци во израелските затвори.

Хамас преку соопштение ја повика меѓународната заедница да изврши притисок врз Израел веднаш да премине во втората фаза без никакво одложување.

За време на првата фаза од примирјето, стотици палестински затвореници беа ослободени од израелските затвори, а 30 заложници беа вратени во Израел.

Во втората фаза, Израел би прифатил траен прекин на огнот, а Хамас потоа би ги ослободил преостанатите живи машки заложници, и цивили и војници, во замена за палестинските затвореници.

Во третата фаза, посмртните останки на починатите израелски заложници ќе бидат вратени во Израел. рп/

Фото: ЕПА

Остани поврзан