• четврток, 26 март 2026

Непал: Партијата на Балендра Шах води според првичните резултати од изборите

Непал: Партијата на Балендра Шах води според првичните резултати од изборите

Катманду, 6 март 2026 (МИА) – Партијата на раперот и политичар Балендра Шах води според првичните делумни резултати од парламентарните избори во Непал, оставајќи ги далеку зад себе ривалските партии, вклучително и партијата на поранешниот премиер Кхадга Прасад Шарма Оли.

Триесет и петгодишниот Шах, поранешен градоначалник на Катманду, доминираше во трката за премиерската функција за време на предизборната кампања, зголемувајќи ја својата популарност низ целата земја.

Неговата центристичка партија – Рашрија Сватантра партија (Национална независна партија), основана пред три години – според првичните резултати води во 37 едномандатни изборни единици.

Во меѓувреме, Комунистичка партија на Непал (обединета марксистичко-ленинистичка) на Оли води во три изборни единици, покажуваат прелиминарните резултати од пребројувањето на гласовите објавени утрово од непалската изборна комисија.

Центристичката партија Непалски конгрес, предводена од 49-годишниот Гаган Тхапа и најстара политичка партија во земјата, води во пет едномандатни изборни единици.

Официјални претставници соопштија дека конечниот исход од изборната трка се очекува да биде познат подоцна денеска или утре наутро.

Од вкупно 275 места во Претставнички дом на Непал, 165 се избираат во едномандатни изборни единици според мнозински систем, додека преостанатите 110 се распределуваат пропорционално според партиски листи.

Шах привлече голем број поддржувачи за време на кампањата, особено меѓу младите гласачи кои бараат политички промени. Тој и му се спротивстави и на 74-годишниот Оли во неговата матична изборна единица Џапа, во близина на границата со Индија.

Сместен меѓу Кина и Индија, Непал со околу 30 милиони жители со децении се соочува со политичка нестабилност, што негативно влијае врз претежно аграрната економија и придонесува за зголемување на невработеноста. Овие структурни проблеми дополнително се усложнуваат од широко распространетата корупција.

Во септември, долгогодишното незадоволство ескалираше во улични протести откако властите воведоа забрана за пристап до социјалните мрежи. Илјадници луѓе излегоа на улиците, што доведе до судири и жртви и на крај го принуди Оли да поднесе оставка. ссм/сд/

фото: ЕПА

Остани поврзан