• понеделник, 23 декември 2024

Нема интерес за бесплатно отстранување на хаварисани возила во Куманово

Нема интерес за бесплатно отстранување на хаварисани возила во Куманово

Куманово, 28 октомври 2024 (МИА) - Ниту еден сопственик на хаварисано возило не се јавил за да ја искористи услугата што ја нуди општина Куманово за бесплатен транспорт на возило до лиценциран отпад за железо, соопштија денеска надлежните. Акцијата почна денеска и ќе трае наредните триесет дена.

Општина Куманово заедно со ЈП „Куманово паркинг“ и СВР Куманово ќе спроведе акција за отстранување на хаварисани автомобили кои не се во возна состојба и со години зафаќаат јавни површини и паркинг простор

- Сопствениците на хаварисаните автомобили со службите на ЈП „Куманово Паркинг“ имаат можност бесплатно да го транспортираат возилото до лиценциран отпад за железо. Сопственикот на автомобилот треба да биде присутен на проценката и за истото возило ќе си добие паричен надоместок, изјави претседателката на советот на општина Куманово, Ивана Ѓорѓиевска на неодамнешната прес-конференција.

По истекот на акцијата за бесплатен транспорт на хаварисаните возила, задолжените служби ќе почнат со отстранување на возилата кои со години зафаќаат простор на тротоарите. Според првичните информации од комуналните инспектори, само во централното градско подрачје во Општина Куманово има седумдесетина автомобили кои со години стојат на иста површина. Полицијата ги проверува сопствениците.

Отстранувањето на возилата ќе ги ослободи тротоарите, сметаат надлежните од ЈП „Куманово Паркинг“ кои најавија исцртување на паркинг зона „Б“. ам/цр


Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан