• понеделник, 23 декември 2024

Нема знаци дека војната во Судан може наскоро да биде завршена

Нема знаци дека војната во Судан може наскоро да биде завршена

Картум, 15 мај 2023 (МИА) - Еден месец по избувнувањето на конфликтот во Судан, неговиот главен град е пуста воена зона каде тероризираните семејства се кријат во своите домови додека се слушаат пукотници на правливите, напуштени улици.

Низ Картум, жителите се забарикадирани, надевајќи се дека ќе ги избегнат заскитаните куршуми и ќе настрадаат од очајнички недостиг на храна и основни продукти, пренесува Фена.

Има прекини на струјата, недостиг на готовина, прекини во комуникациите и голема инфлација.

Петмилионскиот град на реката Нил долго време беше место на релативна стабилност и богатство, дури и под децениските санкции против поранешниот моќник Омар ал-Башир. Сега градот стана урнатина на својата поранешна слава.

Запалени авиони лежат на пистата на аеродромот, странските амбасади се затворени, а болниците, банките, продавниците и силосите за пченица се ограбени од разбојници.

Додека генералите се борат, тоа што остана од владата се повлече во Порт Судан, оддалечен 850 километри, во кој е сместен центар за масовна евакуација и за судански и за странски државјани.

Повеќе од 750 лица загинаа во борбите, според Проектот за податоци за локација и настани за вооружени конфликти. Илјадници други беа ранети, речиси милион лица се раселени, а долги конвои бегалци отидоа во Египет, Етиопија, Чад и Јужен Судан.

Цените на некои прехранбени производи се зголемени за четири пати, а бензинот сега се продава по 20 пати поголема од цената од пред војната.

Досега беа договорени повеќекратни примирја, но многу брзо и прекинати, а слаби се сите надежи за завршување на борбите што предизвикуваат дополнителни страдања за 45 милиони лица во една од најсиромашните земји во светот.

-Двете страни редовно го прекршуваат примирјето, што покажува чувство на неказнивост без преседан дури и според суданските стандарди на граѓански конфликт, изјави Алекс Рондос, поранешен специјален претставник на ЕУ за Рогот на Африка. сд/

Остани поврзан