• понеделник, 23 декември 2024

Неискористените вакцини на Астра Зенека отвораат можност за вакцинација на грчките граѓани од 30 до 39 години

Неискористените вакцини на Астра Зенека отвораат можност за вакцинација на грчките граѓани од 30 до 39 години
Атина, 21 април 2021 (МИА) – Поради слободните термини и достапните количини на вакцината на Астра Зенаека, во Грција, од следниот вторник ќе се отвори платформата за закажување термин за вакцинација на лицата од 30 до 39 години, паралелно со регуларниот процес на имунизација на повозрасните граѓани, јави дописничката на МИА од Атина. Вакцинација на лицата над 30 години, ја најави грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во неговата ТВ порака, истакнувајќи дека целта е побргу да се стекне колективен имунитет, додека пак министерот за здравство на Грција Василис Кикиљас и генералниот секретар во Министерството за здравство, надлежен за имунизацијата Мариос Темистоклеус, ги објаснија деталите. Рекоа дека граѓаните на возраст од 30 до 39 години од вторник ќе можат да се пријават, вакцинацијата ќе започне веќе следниот ден, а ќе се однесува само на вакцината на Астра Зенека Темистоклеус рече дека ова е можност за помладите да се вакцинираат порано од предвиденото, повтори дека вакцината е безбедна, а во Грција со Астра Зенека веќе се вакцинирани над 440 илјади лица. Кикиљас и Темистоклеус соопштија дека од 4 мај ќе се забрза процесот на имунизација, планирано е во текот на следниот месец да се спроведат над 2,5 милиони вакцинации, да започне употребата на вакцината на Џонсон, но и да се прошири работното време на центрите за имунизација и да работат секој ден. Генералниот секретар во Министерството за здравство на Грција рече дека досега, во земјата се спроведени 2.645.000 вакцинации од кои 1.870.000 или 17,8 отсто од населението се вакцинирани со првата доза, а 775.000 граѓани или 7,4 отсто се ревакцинирани. Соопшти податоци и во однос на одѕивот на граѓаните, односно за категориите граѓани за кои веќе е во тек процесот. Од оние што се над 85 годишна возраст, 61 отсто се вакцинирани со една доза, а заедно со оние што имаат закажан термин достигнува до 65,7 проценти. За возрасната група од 80 до 84 години, исто така 61 отсто се вакцинирани со една доза, а заедно со граѓаните со веќе закажан термин учеството е 66 проценти. Една доза примиле 68 отсто од граѓаните меѓу 75 до 79 годишна возраст, а 50 отсто од оние меѓу 70 и 74 години, но заедно со граѓаните што веќе имаат закажан термин, се очекува за првата возрасна група учеството да достигне до 77 отсто, а 70,57 за втората. За возрасната група од 65 до 69 години, неодамна беше отворена можноста за закажување термин, па така е мало учеството, односно само 27 ја примиле првата доза, но се очекува да стигне до 68,5 отсто. Последната група за која е во тек процесот на имунизација е од 60 до 64 години, од кои  51 отсто веќе ја примиле првата доза, а ќе достигне до 60 проценти заедно со оние кои имаат веќе термин. ср/

Остани поврзан