• петок, 05 декември 2025

Неизвесна судбината на иницијативата за изгласување недоверба на Европската комисија  

Неизвесна судбината на иницијативата за изгласување недоверба на Европската комисија  

Брисел, 27 јуни 2025 (МИА) – Иницијативата на романскиот европратеник Георге Пипереа за изгласување недоверба на Европската комисија на Урсула фон дер Лајен од страна на Европскиот парламент поднесена вчера, би можела да заврши само како неуспешен обид, откако голем дел од нејзините 74 потписници се најдоа под притисок на своите пратенички групи за повлекување на поддршката на петицијата.  

Прв тоа го стори единствениот од потписник на иницијативата од редовите на Европската народна партија, Бранко Гримс, кој е член на Словенечката демократска партија (СДС). Гримс уште синоќа соопшти дека го повлекува својот потпис од иницијативата. 

Гримс, кој меѓу своите колеги важи за поддржувач на унгарскиот премиер Виктор Орбан, беше изложен на критики од страна на членови на ЕПП, а некои од нив дури предлагаа и негово „исфрлање“ од пратеничката група. 

Според словенечки извори, Гримс ја повелекол својата поддршка под притисок на лидерот на СДС и поранешен премиер на Словенија, Јанез Јанша. 

Медиумите посочуваат дека Јанша досега го користеше Гримс за собирање поени врз основа на неговите критики на политиките на ЕУ, но дека овој пат проценил оти европратеникот отишол предалеку. 

- Од домашна перспектива, Гримс е многу корисен за напади врз Фон дер Лајен. Тој дефинитивно е еден од најекстремните десничарски политичари во Словенија, изјави европратеник од редовите на ЕПП. 

Според него, Грумс дури е ставен на „црната листа“ на ЕПП за настапи во име на партијата на пленарни заседанија на Европарламентот или на седниците на парламентарните комитети. 

Покрај Гримс, потписи на иницијативата ставија и европратеници од трите десничарски групи - Европските конзервативци и реформисти (ЕЦР), Патриотите за Европа (ПФЕ) и Европа на суверените нации (ЕСН), како и неколкумина членови на Европарламентот кои не припаѓаат на ниту една пратеничка група. 

И покрај искажаната поддршка од нивни членови, трите групи официјално се оградија од иницијативата, тврдејќи дека тие не го поддржуваат предлогот на Пипереа. 

Портпарол на ЕЦР вчера за бриселскиот портал „Еурактив“ изјавил дека не станува збор за иницијатива на групата, иако предлагачот Пипереа доаѓа од нејзините редови, а меѓу потписниците се и 32 од нејзините 79 европратеници, вклучително и копретседателот Патрик Јаки од полската партија Право и правда (ПиС). 

Според извори во Европарламентот, ЕЦР, ПФЕ и ЕСН побарале од своите европратеници да ја повлечат поддршката на иницијативата, оценувајќи дека таа нема никакви шанси за успех и дека нејзиното отфрлање при евентуално гласање на пленарна парламентарна седница само би ги зајакнало позициите на Фон дер Лајен. 

Во иницијативата на Пипереа, кој е член романската националистичка партија Алијанса за Унија на Романците (АУР), Комисијата се критикува за „недостиг на транспарентност“, а во документот се споменува и аферата „Фајзергејт“ поврзана со обвинувања против Фон дер Лајен за злоупотреба на должноста при договарањето на набавки на вакцини во време на Ковид кризата.  

Досега до Европскиот парламент во пет наврати биле поднесувани иницијативи за изгласување недоверба на Еврокомисијата која во тој момент била актуелна, но ниту една од нив не добила поддршка од мнозинството европратеници. сп/  

Фото: Фејсбук на Георге Пипереа 

Остани поврзан