• четврток, 04 декември 2025

Независниот кандидат за градоначалник, Имери: Дебар заслужува чесен и трудољубив човек за градоначалник 

Независниот кандидат за градоначалник, Имери: Дебар заслужува чесен и трудољубив човек за градоначалник 

Дебар, 29 октомври 2025 (МИА) - Дебар заслужува за градоначалник да има чесен и трудољубив човек, кој ќе се жртвува за градот, општината и за сите жители, човек кој е од збор а не празни ветувања, а тоа сум го докажал до сега во низа случаи, порача независниот кандидат Рамадан Имери на средба со претставници на бизнис заедницата.

- Во програмата имам зацртано реализација на капитални проекти во инфраструктурата во сите населени места во интерес на сите жителите, кои не ги делам по никаква припадност, во образованието, зашто децата заслужуваат подобри услови,  што сум го докажал како раководител на образовни институции, во детската заштита, спортот, културата, рече тој.

Со ваша поддршка и со нашите иселеници кои се докажани претприемачи во САД, Италија, Франција и други земји, додаде Имери, посебно внимание ќе посвети на економскиот развој на општината и ставање крај на иселувањето на младите.

На средбата беа разменети мислења и идеи за  соодветно уредување на централното јадро на градот, особено на шеталиштето, каде што се наоѓаат поголемиот дел од трговските објекти и занаетчиски дуќани.

Исто така вети дека ќе го врати стариот сјај, дури и надгради стариот градски пазар.

-Ќе го негувам, како светост она што сме го наследиле од нашите предци а тоа се соживотот и верската толеранција, по што е познат нашиот крај. Она на што ме воспитале моите родители, да се биде човек и да се подели со оној што нема и последниот залак и да му се помогне за се што му е неопходно, порача меѓу другото Имери.

Тој е актуелен директор на дебарската гимназија „28 ноември", а претходно  на најголемата деветолетка во регионот  „Пенестија" во Дебар. вт/лв/

Фото: МИА

 

Остани поврзан