• петок, 22 ноември 2024

Недостигаат негувателки во домот за стари лица Куманово

Недостигаат негувателки во домот за стари лица Куманово

Куманово, 28 септември 2023 (МИА) - Недостигаат негувателки во Домот за стари лица „Зафир Сајто“ - Куманово, информираа денеска надлежните од установата. Од домот кажаа дека побарале одобрување за вработување од Советот на општината, кое претходно е одобрено од ресорното министерство. Од институцијата очекуваат да се надмине проблемот со вработување во интерес на корисниците, старите и немоќните лица од Куманово и државата.

- Дефинитивно имаме потреба, бидејќи сме надвор од норматив пропишан од МТСП како институција. За годинава имаме една согласност од ресорното министерство кое претходно е поминато на Совет, но е на определно време, значи до 31 декември годинава. Тоа не е решение за нашите проблеми, бидејќи како институција мора да ги исполниме пропишаните нормативи и воедно оние кои се вработени треба да имаат сигурност, изјави директорот на установата Дејан Стојановски.

Согласно нормативите во установата се потребни најмалку 15, во моментов има 11 и доколку не се добие согласност ќе има осум што е недозволиво за установата, велат надлежните.

Од Домот за стари лица додаваат дека последниве години речиси и да не им остануваат вработени, дел кои се обучуваат по извесен период заминуваат на други места, некои надвор од државата, каде оваа професија е многу ценета и прилично атрактивно платена.

- Имаме и млади домаќинки, кои откако ќе стекнат искуство си заминуваат во земјите од ЕУ, вели Стојановски.

Во моментов се изведуваат градежни активности на дел од домот кои се реализираат со средства од установата.

- Сите наши барања за реконструкција до Министерството се одбиени со образложение дека треба да ги прошириме капацитетите. Се сложувам, но мислам дека и постоечките капацитети треба да се доведат до одредено ниво и корисниците да добијат одреден квалитет, изјави Стојановски.

Тој очекува дека проширувањето на капцацитети ќе има согласно среднорочните и долгорочните планови на МТСП. ам/мд/


Фото: МИА

Остани поврзан