• недела, 22 декември 2024

Недвосмислено сме определени за евроинтеграцискиот пат, ЕУ во континуитет покажува неправедност кон нас, порача Мицкоски

Недвосмислено сме определени за евроинтеграцискиот пат, ЕУ во континуитет покажува неправедност кон нас, порача Мицкоски

Охрид, 6 октомври 2024 (МИА) - Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска уште еднаш повтори дека земјава е недвосмислено определена да продолжи по евроинтеграцискиот пат. Издвојувањето на Албанија, оцени, не значи и нејзино брзо членство во Унијата, а со ваквите потези ЕУ во континуитет покажува неправедност кон нас. Стравувањата дека ќе станеме заробена држава, рече Мицкоски, се беспредметни и дело на внатрешна дневно-политичка динамика. 

 -Со издвојувањето на Албанија од Македонија во процесот на пристапување, направивте лоша услуга на сите скептици и сите сили кои не веруваат во ЕУ. Ние веруваме во ЕУ. И веруваме во тоа дека членството на Македонија во ЕУ е наш стратешки приоритет. Членството во ЕУ е кохезивен фактор долж сите линии на општеството, од етнички, до политички. И недвосмислено сме определени да продолжиме по тој пат. ЕУ во континуитет со вакви потези покажува неправедност кон нас. Иако движењето на Албанија и издвојувањето не значи и нејзино брзо членство во Унијата, нам тоа не ни е прв пат. Бевме во иста група со Бугарија и Романија, потоа со Хрватска, па со Србија и Црна Гора на крај и со Албанија. Јас сум убеден дека ќе се сретнеме пак на тој пак, и тоа им е јасно на сите кои го знаат процесот на проширување и состојбите во ЕУ, но сепак, ние не смееме да дозволиме скептиците да победат и земјата да остане заглавена во геополитичка бесперспективност. Мора членството во Унијата да е живо, процесот да е жив и ние ќе нудиме предлози и решенија за надминување на оваа статус кво ситуација. Истовремено ќе работиме посветено на реформите за членство во Унијата и ќе ја менуваме лошата реалност, тоа е за наше добро и ние сме свесни за тоа, потенцира Мицкоски во обраќањето на 33. годишната конференција на УМС на ВМРО-ДПМНЕ што се одржува во Охрид.

Тој најави дека преку разни институционални канали ќе се обрати и ќе работи со Европската комисија и со партнерите за изнаоѓање решение кое ќе биде достоинствено и согласно националните интереси.

-Диктати, да биде јасно, не прифаќам. За овој процес е потребно и разбирање од Унијата, која очекуваме да покаже еднаква верба во европската иднина на нашиот регион како што е и нашата верба. Македонија и нашите граѓани премногу дадоа и предолго се заложници на билатерални проблеми и барања. Не барам сочувства и изговори. Барам почит за мојот народ. Ние планираме да ја вклучиме и опозицијата во процесите, кога ќе дојде време за тоа. Нема да ветуваме работи кои се неостварливи, но и нема да пропуштиме да ја консултираме опозицијата и да побараме поддршка за нашите напори. Сепак, целите ни се заеднички и немаме дилема околу тоа. Веќе следната недела ќе испратам писмо до сите инволвирани во кое и на таков начин ќе ја обзнанам и потврдам мојата недвомислена воља за дијалог, реформи и изнаоѓање решение. Јас сум на располагање за идеи и дијалог и тоа сите скептици треба да го знаат. Темите како изолација се повеќе стравови и психолошки товар за скептиците од најразлична провиниенција. Ќе продолжиме напред, се допаѓало тоа некому или не, подвлече Мицкоски.

Напомена и дека нему лично, власт не му треба по секоја цена.

-Тоа сум го кажал од првиот момент кога станав претседател на најголемата политичка партија во Македонија, ВМРО-ДПМНЕ која помина исклучително тешки, би рекол, ненормални предизвици и борби за да дојде до оваа огромна поддршка која ја има денес. Власт не ми треба. Сакам да променам нешто, сакам да подобрам. Тоа е мојата надеж и мојот идеал за кој зборувам од почетокот на овој говор, истакна Мицкоски. мч/аб/

фото: МИА архива и принт скрин

Тагови

Остани поврзан