• сабота, 21 декември 2024

Негласањето на ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени е во суштина антиевропско однесување, вели Пендаровски

Негласањето на ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени е во суштина антиевропско однесување, вели Пендаровски

Скопје, 11 декември 2023 (МИА) - Претседателот Стево Пендаровски во интервју за емисијата „360 степени“ на Националниот сервис, оцени дека негласањето на ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени е во суштина антиевропско однесување.

-Последниве година и пол, од за мене сосема неразбирливи причини, од тесно-партиски интереси, главната опозициска партија започна да се однесува на антиевропски начин, рече претседателот Пендаровски.

Запрашан за влијанието на пораките од американските претставници од Стејт Департментот насочени кон противењето на опозицијата за уставните измени, претседателот Пендаровски рече дека тие не влијаат врз ВМРО-ДПМНЕ затоа што мислат дека на таков начин добиваат рејтинг.

-Изминатава година, година и пол, од усвојувањето на францускиот предлог во нашето Собрание, ВМРО тера строго партиска агенда и има само една мисла во главата – да дојде на власт па после ќе му ја мислиме за другата работа – промени на Устав, европски интеграции... Гледате дека на фонот на тој комплекс на прашања и проблеми, пред сѐ за нас, нивните првенци често спомнуваат дека во Европа доаѓаат десничари на власт, па доаѓаат европски избори по кои европскиот парламент ќе изгледа драстично поинаку, Европа наводно го губи интересот за интеграција на регионот..., а обратното е точно во последнава година од овие причини кои ги спомнавме. Така што тие веќе подготвуваат терен и по евентуалната изборна победа да не се бават многу со европските интеграции, рече Пендаровски.

Претседателот изјави дека излезот од блокадата на европските интеграции го гледа во ситуација кога би имале проевропска коалиција на власт и после изборите, бидејќи е јасно дека до избори таква промена на Устав е невозможна. нд/ев/

 

Остани поврзан