• петок, 22 ноември 2024

Невремето го однесе покривот од куќата на Чулеви, а откорнатиот покрив од соседите им паднал врз автомобилот

Невремето го однесе покривот од куќата на Чулеви, а откорнатиот покрив од соседите им паднал врз автомобилот
Неготино, 16 август 2022 (МИА) - Невремето им однесе дел од покривот од куќата на Чулеви, а откорнат дел од покривот од соседите им паднал врз автомобилот и го оштетил. Ова се само дел од последиците од невремето проследено со дожд и ветер што вечерва го зафати Неготино.
Во изјава за МИА Чулеви рекоа дека немаат струја во домот, па соседите им пуштиле кабел колку за задоволување на најосновните  потреби од електрична енергија.
-Имаме штети, целата кујна е поплавена. Страшен ветер бучеше, ролетните ни ги откорна од рацете што се вели, додека се обидувавме да ги собереме за да не се скршат, толку силно не турна и нас, што не залепи за ѕидот. Силина, брзо помина, ама големи штети направи. Имаме скршени прозорци и ролетни. Бидејќи на дел од таванот немаше плоча туку само трска, дождот зафати и други делови од  мебелот од горниот кат. Првично се ставија најлони кај оштетениот дел од покривот, немој вечерва или утре пак да заврне, па деновиве ќе се санираат оштетувањата, нагласија тие.
Со оглед на тоа што од Општината најавија утре да се формира комисија за проценки на штети, Чулеви очекуваат да добијат обесштетување. свд/мд/

Остани поврзан