На Широк сокак во Битола се одржа дефиле на лица со телесен инвалидитет
- Здружението на лица со телесен инвалидитет од Битола, Демир Хисар и Ресен - „Мобилност“ на Широк сокак одржа дефиле на кое учествуваа лица со телесен инвалидитет, членови на нивните семејства и поддржувачи на Здружението.
Битола, 2 ноември 2025 (МИА) - Здружението на лица со телесен инвалидитет од Битола, Демир Хисар и Ресен - „Мобилност“ на Широк сокак одржа дефиле на кое учествуваа лица со телесен инвалидитет, членови на нивните семејства и поддржувачи на Здружението.
Годинашната порака и тема на дефилето е „Стоп за маргинализација и раслојување“, истакна примариус д-р Нико Јанков, претседател на „Мобилност“-Битола.
-Дефилето на лицата со телесен инвалидитет не е протест, туку манифестација со која ја запознаваме средината во која живееме и институциите на системот со проблемите со кои се соочуваме. Оваа година сме фокусирани на маргинализацијата на лицата со телесен инвалидитет која зазема се поголем интензитет и замав. Во севкупната апатија што се случува во општеството, дополнително се маргинализираат и нашите членови со раслојување и други ангажмани на лицата со инвалидност. Жално е што овие лица ги ангажираат во политички партии, во мали групи или поединци со што се ослабува единството на големите национални сојузи. Со оваа појава им се овозможува на институциите да бидат глуви, слепи и неми за нашите барања, посочи Јанков.

Во изјава за медиумите, претседателот на „Мобилност“-Битола д-р Нико Јанков истакна дека лицата со телесен инвалидитет треба да знаат кој е нивниот вистински застапник пред институциите на системот.
-Бројот на лица со телесен инвалидитет не се намалува, тој е континуиран и се движи до околу 8.000 лица во државата, а во Битола има околу 1.100 лица со телесен инвалидитет. Но, од евидентираните активни се околу 100 лица, а останатите се инцидентни. Добро е што сепак на ова дефиле се вклучуваат лица од повеќе македонски градови, а оваа година имаме учесници од Куманово, Штип, Кочани и секако од Ресен, Демир Хисар и Битола. Нашата денешна порака има двојна улога, една е за лицата со телесен инвалидитет што повеќе да се вклучуваа во Здружението, а другата до институциите да не ги маргинализираат лицата со телесен инвалидитет, нагласи Јанков.
Дефилето на лица со телесен инвалидитет се одржува 18 години по ред, почнувајќи од 2007 година кога Здружението ја поддржа Меѓународната Конвенција за правата на лицата со инвалидност. мт/мд/
Фото: МИА