На музејот „Стерјо Спасе“ во Глобочани донирани 56 примероци од книгата „Мала Преспа“ на Гуре Дума
- Библиотеката на музејот „Стерјо Спасе“ во селото Глобочани, збогатена е со примероци од книгата „Мала Преспа“ на авторот Гуре Пандо Дума, од истото село, настан, кој ја потврдува важноста на зачувувањето на македонското културно и историско наследство.
Дебар, 3 февруари 2025 (МИА) - Библиотеката на музејот „Стерјо Спасе“ во селото Глобочани, збогатена е со примероци од книгата „Мала Преспа“ на авторот Гуре Пандо Дума, од истото село, настан, кој ја потврдува важноста на зачувувањето на македонското културно и историско наследство.
-Книгата „Мала Преспа“ е уникатно дело кое ја претставува богатата историја и традиција на Македонците во овој регион. Покрај историските и географските податоци, книгата длабоко навлегува во секојдневниот живот на луѓето од Мала Преспа, опишувајќи го организирањето на големите семејства, односите помеѓу младите и старите, семејните и верските обичаи, традициите поврзани со свадбите, изградбата на домови и нивното уредување, рече за МИА, Панди Јани, познат македонски активист, со чие залагање книгите сега се достапни во музејот.
Додава дека станува збор за 56 примероци, дел од кои ќе може бесплатно да добие секој посетител, кој ќе изрази желба во сопствената библиотека да ја имаа оваа книга.
-Голема чест е што после толку години, од кога е отпечатена книгата (2007 година) на мојот соселанец, сега прмероци од тоа значајно дело за Мала Преспа стигнаа во музејот на писателот Стерјо Спасе. Музејот е отворен и за други дела на творци Македонци од Преспа и цела Албанија. Голема благодарност, изјави Ефтим Митревски, ктитор во музејот.
Горд што книгите се донесени во родното село на неговиот дедо е Спиро Малевски.
-Ова дело, на дедо ми по мајка е сведоштво за тоа дека жителите на Мала Преспа се нераскинлив дел од македонското семејство. Чувството на задоволство и гордост е неизмерно зашто конечно исполнет е неговиот аманет напишаното да го читаат и младите генерации Македонци. И ден денес ми одѕвонува неговиот глас и зборовите не заборавај внучко и пренесувај дека Мала Преспа е дом на Македонците, кои со векови се тука, посочи за МИА, Малевски.
Од огромна важност е, порачува Јани, оваа книга да биде прочитана од младата генерација.
-Само преку вакви дела можеме да ги разбереме нашите корени, обичаи и светоста со која низ историјата се чувале македонските вредности. Младите треба да знаат кои сме и што сме. Овој настан претставува уште еден чекор кон зацврстување на македонскиот идентитет и промоција на културното наследство на Македонците од Мала Преспа, истакна Јани.
Гуре Пандо Дума е роден во 1920 година во селото Глобочани, Мала Преспа, каде што и починал во 2008 година. Покрај другото бил учител во неколку села во оваа област и се смета за еден од најдобрите познавачи на историјата и обичаите во Мала Преспа. вт/
Фото: Панди Јани