Најостра осуда од МД „Илинден“-Тирана за злоупотребата на Софија за непостоење на македонскиот јазик и идентитет
- Македонско друштво „Илинден“-Тирана реагираше и најостро ја „осудува злоупотребата на Софија за непостоење на македонскиот јазик и македонски идентитет“.
Дебар, 10 јули 2025 (МИА) - Македонско друштво „Илинден“-Тирана реагираше и најостро ја „осудува злоупотребата на Софија за непостоење на македонскиот јазик и македонски идентитет“.
-Најостро ја осудуваме злоупотребата на Софија која со децении пласира дискриминаторски и расистички барања за непостоење на македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Отстранувањето на македонскиот идентитет и јазик од Извештајот на Европскиот парламент за Македонија испраќа опасна порака дека идентитетот е предмет на преговори за пристапување во ЕУ, стои во реакцијата на друштвото.
Се оценува дека тоа ја „легитимира злоупотребата на Бугарија за вршење притисок врз држава-кандидат и сигнализира толеранција кон политиките што ги кршат основните европски вредности“.
-Македонско друштво „Илинден”-Тирана го потсетува бугарското раководство дека македонскиот јазик и македонскиот идентитет се истарски факт и дека нам, како Македонци, не ни треба одобрение од други држави за да се изјасниме што сме и кои сме, порачуваат oд друштвото. вт/фф/
Фото: МИА Архива