• петок, 22 ноември 2024

Најмалку 39 загинати во циклонот што го погоди југоисточен Бразил

Најмалку 39 загинати во циклонот што го погоди југоисточен Бразил

Рио Де Женеиро, 7 септември 2023 (МИА) – Најмалку 39 лица загинаа, а девет се водат како исчезнати откако циклон ја погоди најјужната бразилска држава Рио Гранде до Сул.

Поплавени се домови, а реките се излеаја, соопштија локалните власти.

Сите луѓе кои во моментов се водат како исчезнати се од малиот град Мукум, едно од најтешко погодените села во поплавите, каде што беа пријавени 14 загинати. Жртви имало и во соседните градови Рока Салес и Крузеиро до Сул.

Гувернерот Едуардо Лејте прогласи вонредна состојба и ги откажа парадите во државата по повод денешниот Ден на независноста на Бразил.

Според властите, 80 градови во државата биле засегнати од обилните дождови кои ги донел циклонот, а повеќе од 2.300 луѓе останале без покрив над главата. Повеќе од 3.900 луѓе мораа да ги напуштат своите домови.

Покрај 39-те жртви во Рио Гранде до Сул, има и една во соседната држава Санта Катарина, каде што еден маж го загубил животот во градот Јупија откако дрво паднало врз неговиот автомобил.

Бразилскиот претседател Луис Игнасио Лула да Силва, кој треба да замине на самитот Г20 во Индија, најави дека федералната влада ќе обезбеди целосна поддршка на погодениот регион и му нареди на потпретседателот Гералдо Алкмин да биде „подготвен“ да замине во погодените области, доколку е неопходно. јт/

Фото: ЕПА 

Остани поврзан