Најмалку 26 луѓе повредени на протестите во Грузија
- Во синоќешните протести во главниот град на Грузија, Тбилиси повредени се 26 луѓе, од кои 23 демонстранти и тројца полицајци, соопшти грузиското Министерство за здравство
Тбилиси, 3 декември 2024 (МИА) – Во синоќешните протести во главниот град на Грузија, Тбилиси повредени се 26 луѓе, од кои 23 демонстранти и тројца полицајци, соопшти грузиското Министерство за здравство.
Во соопштението се додава дека никој од повредените не е во животна опасност.
Во Тбилиси, петта вечер по ред илјадници луѓе излегоа на улица против владејачката партија Грузиски сон.
Протестите почнаа кога премиерот Иракли Кобахиѕе од Грузиски сон ја соопшти одлуката на Владата за стопирање на преговорите со ЕУ.
Најавата на Владата за суспензија на процесот за членство во ЕУ уследи неколку часа откако Европскиот парламент усвои резолуција со која се критикуваат октомвриските избори како неслободни и нефер.
Во декември минатата година ЕУ и додели кандидатски статус на Грузија, но годинава процесот го стави на чекање и ја прекина финансиската поддршка по усвојување на Законот за „странско влијание“.
Во Грузија од 2012 година на власт е партијата Грузиски сон, која според критичарите, се обидува да ја оддалечи земјата од ЕУ и да ја приближи Русија.
Грузиски сон победи на изборите минатиот месец, но пратениците од опозицијата го бојкотираат новиот парламент, тврдејќи дека има изборен фалсификат, додека за претседателката Саломе Зурабишвили, парламентот е „неуставен“. ми/
фото: ЕПА