• сабота, 18 мај 2024

Најмалку 17 тела пронајдени по превртувањето на брод во Сенегал

Најмалку 17 тела пронајдени по превртувањето на брод во Сенегал

Дакар, 24 јули 2023 (МИА) - Најмалку 17 тела се пронајдени по превртувањето на брод во главниот град на Сенегал, Дакар, соопштија локалните власти.

„Телата беа пронајдени од морнарицата рано изутрината и се верува дека се мигранти поради типот на бродот на кој се наоѓале, изјави началничката на регионот Оукам, Ндеје Топ Гуеје.

Таа предупреди дека се почесто страдаат мигранти на море во Сенегал.

„Тоа не е првпат, туку по којзнае кој пат. Владата мора да преземе контрамерки“, нагласи Гуеје.

Не е јасно од каде потекнуваат овие луѓе, каква националност се или каде оделе.

Миграциската рута на Атлантикот е една од најсмртоносните во светот, со речиси 800 мртви или исчезнати во првата половина на 2023 година, според една шпанска хуманитарна група. Во последниве години, Канарските острови станаа една од главните дестинации за сите кои се обидуваат да стигнат до Шпанија, според шпанското Министерство за внатрешни работи.

Најголем дел од бродовите доаѓаат од Мароко, Западна Сахара и Мавританија, додека помал број доаѓаат од Сенегал. Сепак, локалното население и официјалните лица велат дека оваа година има зголемување на пристигнувањето на бродови од Сенегал.

Факторите како што се лошата економија, недостигот на работа, екстремистичкото насилство, политичките немири и влијанието на климатските промени ги принудуваат мигрантите да ги ризикуваат своите животи на преполните чамци за да стигнат до Канарските острови. паг/

Фото: ЕПА

 
 

 

Остани поврзан