• недела, 22 декември 2024

Најмалку шест жртви во тајфунот Доксури на Филипините

Најмалку шест жртви во тајфунот Доксури на Филипините

Манила, 26 јули 2023 (МИА) – Тајфунот Доксури денеска ги погоди северните делови на Филипините со силен ветер и обилен дожд, при што загинаа најмалку шест лица, а илјадници се раселени.

Тајфунот однесе покриви од куќи, поплави села и предизвика десетици свлечишта, соопштија локалните власти.

Свлечиште затрупа куќа во градот Багуио, при што загинаа мајка и две деца, а беа повредени уште две лица.

Тајфунот го погоди островот Фуга, а подоцна и друг остров во провинцијата Кагајан, каде што речиси 16.000 луѓе беа евакуирани од крајбрежните села, а училиштата и се друго беше затворено како мерка на претпазливост поради невремето.

Десетици илјади луѓе беа погодени од поплави и други проблеми предизвикани од тајфунот.

- На удар се нашите градови на северот од брегот, изјави денеска гувернерот на провинцијата Кагајан, Мануел Мамба.

Мамба изрази страв од големи штети на фармите за пченка и ориз во долината Кагајан, кои веќе беа погодени од повеќемесечна суша пред Доксури.

Најмалку четири града останаа без струја, а шест мостови беа однесени, соопштија властите во Кагајан во извештајот за штети.

Крајбрежната стража употреби гумени чамци и јажиња за да ги евакуира селаните заробени во нивните куќи од поплавата во градот Бакара во Илокос Норте.

Филипините секоја година се погодени од просечно 20 големи бури, со стотици жртви.

По Филипините, тајфунот ќе продолжи кон Тајван и источна Кина.

Научниците предупредија дека овие бури, кои ја уништуваат и критичната инфраструктура, стануваат се посилни поради климатските промени. јт/

Фото: МИА архива

Остани поврзан