Најмалку четворица загинати и 159 исчезнати при уривањето на висококатницата во Флорида
- Бројот на загинати по уривањето на висококатницата во Флорида се искачи на четири лица, а спасувачите сè уште трагаат по повеќе од сто лица кои се водат како исчезнати.
Мајами, 25 јуни 2021 (МИА) - Бројот на загинати по уривањето на висококатницата во Флорида се искачи на четири лица, а спасувачите сè уште трагаат по повеќе од сто лица кои се водат како исчезнати.
Повеќе од една третина од 12-катната зграда, во која има 136 станови, се урна претходната ноќ, во 1 часот и 35 минути по локално време.
- Досега имаме најмалку четири смртни случаи, а 159 лица се водат за исчезнати, рече градоначалничката на Мајами-Даде, Даниела Левин Кава.
Левин Кава денеска во интервју за Еј-Би-Си зјави дека три тела биле извлечени во текот на ноќта.
- Кога се разбудив, дознав дека три тела биле извлечени од урнатините минатата ноќ. Ова е трагична вест за семејствата кои се надеваат дека нивните најблиски преживеале. Се разбира, ние продолжуваме со потрагата. Досега не ги идентификувавме тие три тела, а бројот на жртвите во оваа трагична несреќа се зголеми на четири, рече градоначалничката.
Гувернерот на Флорида, Рон ДеСантис изјави дека локалните и државните власти се надеваат дека повеќе луѓе ќе бидат спасени од урнатата зграда.
– Но, ние се подготвуваме и за лоши вести со оглед на уништувањето на кое бевме сведоци, рече ДеСантис. паг/