Најмалку седум лица загинаа во судирите во Триполи, меѓу нив и лидерот на милицијата Ал-Кикли
- Најмалку седум лица, вклучувајќи го и влијателниот водач на милицијата Абдел-Гани ал-Кикли, беа убиени во судирите што избувнаа во Триполи синоќа, соопштија официјални лица.
Триполи, 13 мај 2025 (МИА) - Најмалку седум лица, вклучувајќи го и влијателниот водач на милицијата Абдел-Гани ал-Кикли, беа убиени во судирите што избувнаа во Триполи синоќа, соопштија официјални лица.
Борбите избувнаа во јужната населба Абу Салим и траеја до рано утрово, во кои беше вклучено тешко вооружување.
Судирите избувнаа откако Ал-Кикли, познат како Генива и командант на моќната Управа за поддршка на стабилизација (ССА), беше убиен во објект контролиран од соперничката Бригада 444.
Таа единица е предводена од Махмуд Хамза, близок до премиерот Абдул Хамид Дбеиба.
По атентатот, силите на Хамза и сојузниците нападнаа повеќе штабови на ССА низ Триполи, запленувајќи го нивниот имот и апсејќи десетици борци.
Министерството за здравство објави дека најмалку шест лица се убиени во областа Абу Салим, која е упориште на ССА, а неколку семејства кои се нашле во зоната на конфликтот биле евакуирани.
Очевидци пријавија интензивно пукање и експлозии во неколку делови од градот, додека колони возила со вооружени борци се движеа низ улиците.
Поради насилството, Министерството за образование ја прекина наставата во училиштата во Триполи, а Универзитетот во Триполи привремено ја прекина работата и испитите. Владата објави дека нејзините сили спровеле воена операција во Абу Салим и презеле целосна контрола врз областа.
Како што претходно објави Министерството за одбрана на Владата на национално единство на Либија, воената операција во Триполи е успешно завршена по синоќешните судири.
Воената операција беше наредена од владата за да се „обезбеди безбедност и стабилност“ во областа. Претходно, во текот на ноќта, либиските медиуми, повикувајќи се на извори, објавија дека во градот започнале судири, а во некои делови можело да се слушне и пукање. Властите ги повикаа жителите на либискиот главен град да не ги напуштаат своите домови. мс/
фото: МИА архива