Најдовски: Мојата визија е Демир Хисар да биде град со отворени можности
- На предизборен митинг во Демир Хисар, Најдовски, кој е актуелен градоначалник на општината, потсети на постигнатите резултати во изминатиот четиригодишен период и најави нови инфрструктурни проекти.
Демир Хисар, 11 октомври 2025 (МИА) - Мојата цел е да изградиме општина во која никој нема да биде заборавен. Мојата визија е Демир Хисар да биде град со отворени можности затоа што во нашата општина има луѓе со визија, со храброст и со срце, истакна Никола Најдовски, кандидат за градоначалник на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“.
На предизборен митинг во Демир Хисар, Најдовски, кој е актуелен градоначалник на општината, потсети на постигнатите резултати во изминатиот четиригодишен период и најави нови инфрструктурни проекти.
-Во изминатите четири години само во патната инфраструктура вложивме 160 милиони денари, најголемата инвестиција во историјата на општината. Изградивме и реконструиравме триесетина улици и локални патишта со вкупна должина од 17 километри. Беа поставени нови 100 лед светилки, а бенифитот беше огромен, покрај одличното осветлување, неколкукратно се намалија и сметките за струја. Во периодот што следува е планирано да се постави ново лед осветлување во сите населени места во општината, со што Демир Хисар ќе стане поуредена и побезбедна општина, која покажува грижа за луѓето и животната средина, истакна Најдовски.

Кандидатот за градоначалник на Општина Демир Хисар потсети на изградените патишта што водат до светилиштата и духовните места во селата Граишта, Вардино, Слоештица и изградба на нови за што има готови проекти, како што е патот до манастирот во Слепче и Сопотница.
-Веднаш по изборите ќе почнеме со изработка на проектна документација за изградба на пат до манастирот во селата Стругово и Вирово. Во завршна фаза е изработката на документација за изградба на Соборен храм во Демир Хисар, генерациски проект што ќе биде духовен белег на нашата општина и симбол на верата, традицијата и заедништвото, посочи Најдовски.
На митингот на ВМРО ДПМНЕ во Демир Хисар, пред членовите и симпатизерите на владејачката партија и коалиција „Твоја Македонија“ беа претставени кандидатите за членови на општинскиот Совет чија кандидатска листа ја предводи Никола Дранговски. мт/хс/
Фото: ВМРО-ДПМНЕ