• петок, 05 декември 2025

Најголемата исламистичка партија во Бангладеш покажува политичка сила на митингот во Дака

Најголемата исламистичка партија во Бангладеш покажува политичка сила на митингот во Дака

Дака, 20 јули 2025 (МИА) - Стотици илјади поддржувачи на најголемата исламистичка партија во Бангладеш, Џамаат-е-Ислами, се собраа во главниот град Дака вчера за да ја покажат својата политичка сила пред парламентарните избори што треба да се одржат следната година.

Откако долгогодишната премиерка Шеик Хасина беше соборена во масовни протести минатото лето, добитникот на Нобелова награда Мухамед Јунус ја презеде функцијата привремен лидер. Тој објави дека изборите за нов парламент ќе се одржат во април. Сепак, администрацијата на Јунус не ја исклучи можноста да го послуша цврстото инсистирање на Националистичката партија на Бангладеш (БНП) и нејзините сојузници гласањето да се одржи во февруари.

Исламистичката партија, Џамаат-е-Ислами, застана на страната на Пакистан за време на војната за независност на Бангладеш во 1971 година. Кон крајот на март истата година, пакистанската армија започна брутална репресија во Дака, тогаш дел од Источен Пакистан, за да го потисне растечкото движење за национална независност на Бангладеш.

Под владеењето на Хасина, кое траеше од 2009 до 2024 година, високи лидери на Џамаат-е-Ислами беа погубени или затворани под обвинение за злосторства против човештвото или други тешки злосторства извршени во 1971 година.

Џамаат-е-Ислами денеска објави список од седум барања до администрацијата на Јунус, за кои исламистичката партија рече дека ќе обезбедат слободни, фер и мирни избори. Џамаат-е-Ислами бара воведување на пропорционален систем на застапеност на изборите, судење за сите масовни убиства за време на Хасина и друго.

Хасина е ќерка на клучен лидер на движењето за независност, кој подоцна стана прв претседател на Бангладеш. Таа е жесток политички противник на партијата Џамаат-е-Ислами. Аналитичарите велат дека исламистичката партија веројатно ќе освои околу 300 места во новиот парламент. Џамаат-е-Ислами се обидува да формира коалиција со други исламистички партии и да стане трета најголема политичка сила во законодавниот дом по Националистичката партија и Народната лига на Хасина (Лига Авами). мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан