• петок, 05 декември 2025

Најавени стипендии за студирање на Кампусот на Колеџот на Европа во Тирана 

Најавени стипендии за студирање на Кампусот на Колеџот на Европа во Тирана 

Брисел, 13 декември 2023 (МИА) - Повеќето земји-членки на ЕУ, некои од државите од Западен Балкан, Регионалниот совет за соработка и Европската Комисија денеска на маргините на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брисел, најавија доделување на стипендии за студентите на новиот Кампус на Колеџот на Европа во Тирана.  

Подружницата на Европскиот колеџ во Тирана беше инаугурирана на 16 октомври во Тирана, кога беа отворени и апликациите за пилот академската 2024/25 година. Во рамки на првата генерација во Кампусот ќе бидат запишани околу 30 студенти од Западниот Балкан и од ЕУ, но се очекува нивниот број да расте во наредните години. 

Според претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, отворањето на Колеџот во Тирана е доказ дека иднината на Западниот Балкан е во Европската Унија.  

- Колеџот на Европа во Тирана ја покажува оваа цел и ја нагласува цврстата верба во трансформативниот, интегративен и помирувачки потенцијал на образованието, истакна Мишел. 

Ректорката на Колеџот на Европа, Федерика Могерини истакна дека доделувањето на стипендиите претставува инвестирање во генерацијата што ќе ја спроведе интеграцијата на Западниот Балкан во ЕУ. 

- Ние се обврзуваме да им обезбедиме совршеност на знаење, вештини и мрежа што ќе ги поттикне да го постигнат тоа. Сигурна сум дека вашите денешни ветувања се сведоштво за вашата политичка посветеност на иднината, додаде Могерини. 

Кампусот во Тирана е прва подружница на Колеџот на Европа во регионот на Западниот Балкан. Колеџот на Европа, чие седиште е во полскиот град Натолин, е основан во 1992 година. сп/аа/

Фото: Колеџ на Европа

 

Остани поврзан