• петок, 22 ноември 2024

Јубилејна манифестација посветена на обичајот Мартинки - културно наследство на УНЕСКО

Јубилејна манифестација посветена на обичајот Мартинки - културно наследство на УНЕСКО
Скопје, 27 февруари 2023 (МИА) - Јубилејната и десетта по ред традиционална манифестација „Среќна Баба Марта 2023“ од денеска до 1 март ќе биде отворена за јавноста, на вториот кат во Капитол Мол во Скопје. Организатор на настанот е Центарот за научно истражување и промоција на културата „ХАЕМУС“, а манифестацијата претставува дел од активностите поврзани со традиционалниот украс мартинки, како нематеријално светско културно наследство впишано на Репрезентативната листа на УНЕСКО.
 
Комплексниот настан содржи музејска поставка со автентични амајлии од повеќе држави, едукативни панели на неколку јазици, продажна галерија со ракотворби и детско катче во кое ќе се организираат интерактивни креативни детски работилници за правење мартинки.
 
- Со оваа десетта по ред манифестација заокружуваме убав мал јубилеј посветен на обичајот Мартинки. За овие десетина години создадовме многу материјал за овој обичај, во рамките на кој спаѓаат и низа илустрирани читанки и боенки за деца и млади на неколку јазици, како и анимирано видео со превод на албански, турски и англиски јазик. Минатата недела ја промовиравме нашата научна публикација „Mапирање на обичајот Мартинки во Скопје и Скопско“ како вовед во претстојниот настан „Среќна Баба Марта 2023“, изјави Василка Димитровска, директор на ХАЕМУС.
 
ХАЕМУС е правен носител на обичајот Мартинки во УНЕСКО. Како проект што покажува исклучителен пример преку кој се визуелизира и интерпретира европското културното наследство, како и за своите заложби да ja спаси оваа традиција од заборав, проектот за „Денот на Баба Марта“ ја доби наградата за „Најдобра европска приказна за 2020“ којашто ја доделуваат Советот на Европа и Европската комисија.бт/са/

Остани поврзан