• недела, 22 декември 2024

„Црно под ноктите“ - изложба на Андреј Медиќ Лазаревски

„Црно под ноктите“ - изложба на Андреј Медиќ Лазаревски

Скопје, 13 септември 2024 (МИА) - Изложба на Андреј Медиќ Лазаревски, насловена  „Црно под ноктите“ ќе биде отворена вечерва во кафе-книжарницата „Буква“. Изложбата се состои од колажи и мини-инсталации изработени во последната година.

Дел од колажите се инспирирани и посветени на песни од поети и поетеси од домашната и светска книжевност (Сергеј Есенин, Жак Превер, Имануел Мифсуд, Владимир Мартиновски, Ѓоко Здравески, Јулијана Величковска, Ива Петреска, Александра Спасеска, Васил Ханџиски, Милена Сиљаноска, Ангела Бошкоска, Дамјана Видическа…).

Во музичкиот дел од настанот, како што соопшти Младинското здружение за афирмација на младинската култура „Култура Бета“, со свој диџеј-сет, ќе се погрижи Индог.

Лазаревски (2001, Скопје) е поет, уредник и организатор на културни настани и фестивали. Тој е дипломиран професор по филозофија на Институтот за филозофија на Филозофскиот факултет и студира на Катедрата по општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ во Скопје. Автор е на стихозбирките „Беседење со неа“ (2021, Дата песнопој) и „Молитвени дискурси“ (2022, 2023 – 2. изменето и дополнето издание, ПНВ Публикации). Основач е на Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“, организатор е на книжевните настани „Поетска епизода“ и „Клинци“, главен фестивалски координатор е на „Филозофскиот филмски фестивал“, член е на извршниот одбор на Филозофското друштво на Македонија, член е на Управниот одбор на Скопскиот поетски фестивал, дел е од тимот на кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје, а моментално работи во „Кликер маркетинг“. Учествувал на повеќе поетски читања и фестивали, а неговите песни се застапени во домашната периодика и преведени на повеќе јазици. дма/бак/

Фото: Младинско здружение за афирмација на младинската култура „Култура Бета“

Остани поврзан