• петок, 22 ноември 2024

Форум за вклучена заедница за отпорност на корупција

Форум за вклучена заедница за отпорност на корупција

Скопје, 16 октомври 2024 (МИА) – Во Граѓанскиот ресурсен центар денеска ќе биде одржан форум на тема „Вклучена заедница за отпорност на корупција“ во организација на Фондација за интернет и општество Метаморфозис, Рурална Коалиција и Центар за социјални иновации Блинк 42-21. 

Како што соопштуваат од Метаморфозис, целта на тематскиот форум е да се нагласи важноста од вклучување на сите сегменти од општеството во борбата против корупцијата на локално ниво. 

- Тоа го нагласува учеството на сите засегнати страни, вклучително и маргинализираните групи, осигурувајќи дека нивните гласови се слушаат и нивните перспективи се земаат предвид. Преку форумот, нашата цел е да поттикнеме акција против корупцијата, обединувајќи претставници од локалната самоуправа, граѓански организации, активисти, експерти, граѓани и медиуми во заедничка борба заснована на инклузивност и соработка, велат оттаму.

Дополнуваат дека на форумот ќе бидат претставени резултатите од Индексот на отвореност на локалната самоуправа за 2024 година, заедно со патоказ со препораки за унапредување на отвореноста кон граѓаните, а ќе се дискутираат и добрите практики и предизвиците за потранспарентна локална самоуправа, со цел зголемување на довербата на граѓаните и искоренување на корупцијата. 

Воедно, ќе бидат претставени придобивките од мЗаедница, вклучувајќи ги новите перформанси за консултации, преку дискусија за активно вклучување на граѓаните во процесите на донесување одлуки преку иновативни дигитални алатки.

На настанот се очекува воведни обраќања да имаат Александар Кржаловски, Национален тим лидер на Програмата Цивика мобилитас и директор на Македонски центар за меѓународна соработка и извршниот директор на Фондација Метаморфозис, Бардил Јашар.

Покрај партнерските организации, од Метаморфозис велат дека говорници на настанот се очекува да бидат и градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, градоначалникот на Општина Валандово,  Перо Костадинов, и секретарот на Општина Кочани, Драган Ананиев.

Настанот е дел од проектот „Дигитална трансформација на локално ниво (ДИГИЛОК) - Вклучена заедница за отпорност на корупција“ финансиран од Владата на Швајцарија преку Цивика Мобилитас.ар/са/

Фото: Фејсбук Метаморфозис 

Остани поврзан