• сабота, 15 ноември 2025

Фестивалот „Зрно“ со богата меѓународна програма на фестивалот „Аналогманија“ во Темишвар, Романија

Фестивалот „Зрно“ со богата меѓународна програма на фестивалот „Аналогманија“ во Темишвар, Романија

Скопје, 13 октомври 2025 (МИА) - Во Темишвар, Романија, фестивалот „Зрно“ денеска ќе учествува на „Аналогманија“ – меѓународен фестивал посветен на аналогна фотографија, филм и музика. Настанот е дел од пошироките активности на „Зрно“ за промовирање и ширење на аналогната култура во Европа и Зрно фестивалот е препознат ширум Европа како значаен промотор на аналогниот пристап во современата уметност и станува јадро на алтернативната фотографија во Европа.

На фестивалот „Аналогманија“, „Зрно“ ќе се претстави со Исчезнување во пејзажот, авторска изложба на Сара Сасани (Иран); Гора – стебла, авторска изложба на Стиг Марлон Вестон (Норвешка); Ева Ристиќ и Време за чај - авторска изложба Емилија Сандиќ (Србија); Воскреснување на старите мајстори: оживеани негативи од браќата Манаки, Зрно во соработка со Државниот архив на Македонија - Сашо Алушевски

Во рамките на фестивалот, Сашо Алушевски ќе претстави неколку дела на македонските пионери на фотографијата и филмот – браќата Манаки, отпечатени на традиционален начин, со благородни историски фотографски техники – Ван Дајк и Цијанотипија.

Во организација на galerie.guerilla од Виена и Зрно, изложбата „Sehschärfenbestimmung“ (корекција на диоптријата) претставува разновиден спектар на креативни процеси засновани врз аналогни техники и естетики. 60 уметници, повеќето од Европа, се претставени со внимателно избрани дела. Изложбата нуди богат мозаик на идеи, концепти и визуелни истражувања, охрабрувајќи ги посетителите да се поврзат со визијата на секој автор. Меѓу учесниците се и повеќе македонски автори: Ангела Грозданов, Анѓела Танчевска, Филип Ицовски, Ивана Цветаноска, Јелена Велинова, Кети Талевска Бакревска, Мартина Павлоска, Сара Ислам и Сашо Алушевски.

Работилници од тимот на Зрно во соработка со Фото клуб „Ирис“: на 13 октомври во 11:00 – Емилија Сандиќ: „Мордансаж техника“; на 14 октомври, 15:00 – Мартина Павлоска: „Креативна игра со полароид фотографија“.фф/бк/

Фото: Mеѓународен фестивал на алтернативна фотографија

Остани поврзан