Промоција на книгата „Поттикнување функционална писменост во наставата“
- Во „Лабораториум“, вечерва, од 18 часот, ќе биде промовирана книгата „Поттикнување функционална писменост во наставата“, издание на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.
Скопје, 27 февруари 2026 (МИА) - Во „Лабораториум“, вечерва, од 18 часот, ќе биде промовирана книгата „Поттикнување функционална писменост во наставата“, издание на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.
Приредувач и уредник на изданието од група автори е Калина Малеска. Како што е наведено во предговорот на книгата, повеќето од авторите имаат големо искуство во образованието и заинтересирани се учениците да размислуваат самостојно, критички да го анализираат она што го читаат, да развијат мотивација и да се надградуваат, да го поврзуваат наученото со други области на знаење.
- Читајќи за овие теми, увидов дека она што се нарекува функционална писменост е најблиску и најнепосредно поврзано со ваквите образовни приоритети. Затоа во 2023 година го иницирав проектот за подобрување на функционалната писменост и заедно со група ентузијасти - колеги и колешки од неколку образовни институции - работевме две години на овој проект доброволно, односно без финансиска поддршка, поради што опсегот на истражување и на аспекти што ги покриваме беше релативно ограничен. Во 2025 година фазата на подготовка на изданието од овој проект (Функционална писменост
- активности и развој) доби финансиска поддршка од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, со која се овозможи излегувањето на оваа публикација - наведува уредничката на изданието.
Додава дека проектот „Подобрување на функционалната писменост во основното и во средното образование во РС Македонија“, во времетраење од две години, е само еден сегмент од процесот што ќе го продолжат.
Книгата е објавена во електронско издание на линкот: https://flf.ukim.mk/wp-content/uploads/Draft-5-Funkcionalna-pismenost-kniga-1.pdf хс/ев/
Фото: Деканат на Филолошки факултет на УКИМ