• среда, 04 декември 2024

Премиера на претставата Дримкечер во Кино Фросина

Премиера на претставата Дримкечер во Кино Фросина

Скопје, 13 септември 2023 (МИА) - Премиера на претставата Дримкечер вечерва ќе се одржи во Кино Фросина – МКЦ, во продукција на Скоро Театар Скопје. Претставата е во режија на Виктор Бужаров и Натали Спасова, според драмскиот текст напишан од Натали Спасова, а во неа играат Сара Климовска, Хари Михајловски, Тамара Ристоска и Стефан Петровски.

Дримкечер е дистописка театарска претстава што ги следи соништата на четири млади улични музичари, кои постојат во свет каде што се’ е ограничено, но во исто време, се’ е достапно и е на продажба.

Во оваа иднина (дали е навистина иднина?) каде креативноста и автентичноста се истрошени, светот бара нови методи за да ја задоволи ненаситноста и вечната глад на публиката. Па така, водени од идеологијата на конзумеризмот, соништата на поединецот се сведуваат на обична трансакција каде што мораш да продадеш еден сон за да оствариш друг.

Претставата е делумно финансирана од Министерство за култура, а процесот на подготовка се одвива во Прага, со помош на D Theater и Culture Moves Europe. За потребите на оваа претстава се користи зелен транспорт и се изработени музички инструменти од отпад со цел да се намали конзумеризмот од ирскиот музичар Деклан Гакиен, кој исто така е и композитор на музиката за претставата. Графичкиот дизајн за потребите на претставата е изработен од Стефан Петровски. цр/са/

Фото: Од претставата Дримкечер 

Остани поврзан