• сабота, 23 ноември 2024

НАкС ќе претстави анализа за исплатливоста од стипендирање студенти кои запишуваат студии во странство

НАкС ќе претстави анализа за исплатливоста од стипендирање студенти кои запишуваат студии во странство

Скопје, 7 ноември 2023 (МИА) - Во просториите на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, Независниот академски синдикат (НАкС) денеска ќе одржи презентација на анализите за исплатливоста од стипендирањето студенти на прв, втор и трет циклус студии на еден од првите 100 универзитети од Шангајската листа. Автори на документот се проф. д-р Мимоза Ристова, проф. д-р Виктор Стефов и проф. д-р Мирјана Најчевска.

-Во услови кога домашните студенти се лишени од секакви академски подобности (немање стипендии или ниски стипендии, лоши услови за студирање и сместување), а универзитетите добиваат минимални средства за научни и истражувачки проекти, станува исклучително важно каде и за што се трошат парите на Министерството за образование и наука. Еден од начините на одлив на овие средства е и стипендирањето студенти кои запишуваат студии во странство, информираат од НАкС за анализите.

Во анализите на НАкС, како што наведуваат во соопштението, од достапните податоци кои им биле дадени од МОН, за исплатливоста од стипендирањето студенти на прв, втор и трет циклус студии на еден од првите 100 универзитети од Шангајската листа, меѓу останатото,  се обработени обемот на средствата што биле потрошени за оваа намена, бројот на студенти кои добиле вакви стипендии, а кои останале да работат во странство со што, според НАкС,  Северна Македонија од својот буџет поддржува развој на економии и администрации на други држави. 

Исто така, (не)враќањето на доделените средства од корисниците на стипендија за студирање во странство кои не засновале работен однос во државата; отсуството на стратегијата за стипендирање, програма и прецизно наменско буџетирање; отсуството на прецизно и соодветно дефинирани критериуми за рангирање и избор на студентите кои добиваат стипендии за студирање во странство во законите, подзаконските акти и конкурсите кои ги распишува МОН; ...

Студијата на НАкС на крајот од анализите содржи заклучоци за исплатливоста и дава и препораки за подобрување на состојбата во науката и високото образование.

Проектот „Aнализи на НАкС за исплатливоста од стипендирањето студенти на прв, втор и трет циклус студии на еден од првите 100 универзитети од шангајската листа“ е изработен и финансиран од Независниот академски синдикат.фф/лв/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан