Прв меѓународен натпревар по пијано во Скопје
- Над 80 натпреварувачи од Северна Македонија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина и САД ќе учествуваат на првиот меѓународен натпревар по пијано PIANO KEY („Пијано клавиш“), што ќе се одржи денеска во КИЦ - Салон 19:19 во Скопје.
Скопје, 14 декември 2024 (МИА) - Над 80 натпреварувачи од Северна Македонија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина и САД ќе учествуваат на првиот меѓународен натпревар по пијано PIANO KEY („Пијано клавиш“), што ќе се одржи денеска во КИЦ - Салон 19:19 во Скопје.
Натпреварот е во организација на Здружението за промоција и развој на културата „Модорас“, Скопје. Уметнички директори се д-р Ема Попивода, професор по пијано на Музичката академија во Штип, и м-р Светлана Димитриевска, наставник по пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски - Луј“ Скопје.
Учесниците ќе се натпреваруваат во повеќе дисциплини, во соодветни категории. Натпреварувачите во категоријата онлајн предизвик ќе ги оценува реномирана интернационална комисија, составена од еминентни професори и пијанисти, етаблирани во музичкиот свет: Драгомир Братиќ (Србија), Данијел Ото (Хрватска) и Илинка Манова (САД, Македонија). Комисија за изведба во живо ја сочинуваат педагози и пијанисти со високи педагошки достигнувања Ема Попивода, Светлана Димитриевска, Катерина Ќетковиќ Фидановска и Цури Колос.
Завршниот концерт на највисоко рангираните учесници на натпреварот и свеченото доделување на наградите ќе се одржат вечер в0 19:30 часот во КИЦ, Салон 19:19.
Натпреварот е поддржан од Амбасадата на Јапонија и од Амбасадата на Австрија во земјава. По тој повод ќе бидат доделени и специјални дипломи за најдобра изведба на дело од јапонски и најдобра изведба на дело од австриски композитор. Овие награди ќе ги доделат амбасадорите Казуја и Памер. Поддршка за македонската класична музика доаѓа и од семејството Цаневи, кои ќе доделат награда за најдобро изведено дело од македонскиот композитор, Благој Цанев. дма/нд/
Фото: Плакат