Почнува четвртиот циклус од кампањата „Читаме современи македонски автори“, разговор со Оливера Ќорвезироска
- Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје го почнува четвртиот циклус од кампањата „Читаме современи македонски автори“ со романот „Три Марии“ од Оливера Ќорвезироска како книга на месецот, а разговорот со авторката ќе се одржи вечер во Спомен-собата „Т’га за југ“.
Скопје, 3 септември 2025 (МИА) - Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје го почнува четвртиот циклус од кампањата „Читаме современи македонски автори“ со романот „Три Марии“ од Оливера Ќорвезироска како книга на месецот, а разговорот со авторката ќе се одржи вечер во Спомен-собата „Т’га за југ“.
Кампањата почна во септември 2022 година и досега беа претставени вкупно 24 современи македонски автори и исто толку дела.
Како што информира Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ - Скопје, проектот, низ трите препознатливи фази (книга на месецот, разговор со авторот и клуб на читатели) значително го зголеми интересот за современата македонската книжевност низ сите библиотеки од мрежата на ГБСК, па и пошироко. „Читаме современи македонски автори“ во 2024 година беше проласена за Промотор на читачката култура од страна на Македонската асоцијација на издавачи (МАИ).
Во четвртиот циклус од „Читаме современи македонски автори“ предвидени се осум автори и дела. Книгата за септември е „Три Марии“ од Оливера Ќорвезироска (издание на „Арс Ламина“), добитник на Рациновото признание за 2025 година.
Ова е трет роман за возрасни на Ќорвезироска по „Заклученото тело на Лу“ и „Аб’т“. - Тој е внимателно осмислен омаж на Славко Јаневски, којшто не е класична посвета, ниту римејк на конкретно дело. „Три Марии“ содржи три самостојни приказни за три различни жени кои носат исто име – Марија и кои сакаат да ги напуштат моментните животи поради грешна љубов. Своја или туѓа. Она што ги обединува во романескна структура е токму станот што се издава и што сите три сакаат да го изнајмат, барајќи спас во него, се наведува во соопштението.
Разговорот со Ќорвезироска ќе го води книжевната критичарка Александра Јуруковска, а фрагменти ќе чита актерот Андреј Серафимовски. мд/са/
Фото: Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје