• петок, 05 декември 2025

Национален натпревар на најдобри ученички компании

Национален натпревар на најдобри ученички компании

Скопје, 7 мај 2025 (МИА) - Во организација на „Џуниор Ачивмент Македонија“, денеска во Скопје ќе се организира Национален натпревар на ученички компании. Станува збор за еднодневен настан, на кој средношколци од цела земја ќе ги претстават своите бизнис-иницијативи и претприемачки идеи.

Како што најавија организаторите, на натпреварот ќе учествуваат повеќе од 70 ученици распределени во 15 ученички компании, од 12 средни училишта од Берово, Битола, Богданци, Велес, Прилеп, Скопје и Струмица.  

Во рамките на настанот, учениците предводени од одговорниот наставник, имаат можност да презентираат што сработиле во текот на учебната година на штандови. Брендирани со свој штанд, име и лого на компанијата, секоја ученичка компанија ќе се обиде да ја импресионира жири комисијата со својата бизнис идеја и да се натпреварува за учество на европски натпревар кој се организира во мрежата на Џуниор Ачивмент.

Како што се вели во соопштението, главната цел на програмата на „Џуниор Ачивмент“ за ученичка компанија е да им се овозможи на младите луѓе практично искуство во водење бизнис, развој на финансиска писменост, подобрување на вештини за работа и поттикнување на претприемнички дух. Преку тимска работа и дружење, учениците се стекнуваат со знаења и вештини кои ќе им помогнат во нивниот личен и професионален развој.

Натпреварот  е поддржан од Агенцијата за поддршка на претприемништвото на Република Северна Македонија и приватни бизниси, а се реализира од организацијата „Џуниор Ачивмент Македонија“ - член на светската мрежа Junior Achievement Worldwide, основана во 1919 година, денес присутна во повеќе од 120 земји. Оваа мрежа ги спроведува програмите за претприемничко образование и финансиска писменост, кои секоја година ги посетуваат повеќе од 10 милиони луѓе. бт/нд/

Фото: МИА Архива

 

Остани поврзан