• петок, 15 ноември 2024

Концерт на Женскиот хор „Менада“ во Истанбул

Концерт на Женскиот хор „Менада“ во Истанбул

Скопје, 10 октомври 2024 (МИА) - Во пресрет на државниот празник 11 Октомври, Женскиот хор „Менада“ од Тетово вечер ќе настапи во ерменската катедрала „Сурп Асдваѕаѕин“ во Бејоглу, Истанбул, како дел од годишната програма на Македонскиот културен центар во Истанбул, во соработка со Асоцијацијата на Истанбулската филхармонија.

Како што соопшти Македонскиот културен центар во Истанбул, хорот „Менада“ ќе претстави програма со духовна музика, како и изведба на популарни македонски народни песни, „спојувајќи ги светите и традиционалните елементи на начин кој ќе ја отслика богатата културно-музичка ризница на Македонија“.

-Целта на концертот е да ги промовира силните културни врски меѓу Македонија и Турција, обезбедувајќи промоција на македонската уметност и наследство во странство, се наведува во соопштението од Центарот.

Женскиот хор „Менада“ е основан во 1981 година од маестро проф. д-р Ивица Зориќ, кој продолжува да го води хорот до денес. Во изминатите години „Менада“ изгради истакната репутација на меѓународната сцена.

-Познати како „Светски македонски хорски музички амбасадори“, хорот се состои од талентирани женски гласови кои изведуваат обемен и разновиден репертоар. Со повеќе од 500 дела кои опфаќаат ренесансни, класични и современи композиции, како и изведби на македонски музички фолклор, духовни дела и евергрин композиции, „Менада“ прерасна во симбол на богатата хорска традиција на Македонија. Во текот на својата историја, хорот има добиено бројни престижни награди и признанија на домашни и меѓународни фестивали, натпревари и концертни турнеи, информира Македонскиот културен центар во Истанбул. хс/бак/

Фото: Македонски културен центар во Истанбул 

 

Остани поврзан