• вторник, 12 ноември 2024

Изложба „Време и простор 2001-2023“ на Тања Таневска

Изложба „Време и простор 2001-2023“ на Тања Таневска

Скопје, 2 октомври 2024 (МИА) - Самостојната изложба „Време и простор 2001-2023“ на сликарката Тања Таневска вечер ќе биде отворена во Мултимедијалниот центар „Мала станица“.

Според уметницата Дијана Томиќ Радевска, со насловот на проектот, Тања Таневска посочува еден подолг период (2001-2023) од нејзиното (семејното) домување, живот, радости и тага, во кои авторката ги создавала и чувала визуелните записи за потоа да ги интерпретира и синтетизира во една целина што ја обопштува идејата за дом и за припадност.

 - Опфатениот период не е ретроспекција на нејзиното досегашно творештво, туку ја покажува смелоста во сумирање на едно минато и созревање во сегашноста на нејзината најинтимна историја, пишува во рецензијата Томиќ Радевска.

Тања Таневска е родена во 1971 година во Скопје. Дипломирала на Факултетот за ликовна уметност во Скопје, во класата на професорот Рубенс Корубин, отсек Педагошки – сликарство, а на Факултетот за ликовна уметност во Приштина завршила постдипломски студии и ја добила титулата мастер по сликарство, во класата на професор Заке Превукај.

Од 1997 е член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ). Досега реализирала повеќе самостојни изложби во земјава и во странство, во Истанбул, Њујорк, Дрезден, Берлин, Софија, Марибор, Загреб, Белград, Париз. Учествувала на повеќе од 300 групни изложби во државава и во странство, на меѓународни изложби во Полска, Србија, Јапонија, САД,  Грција, Босна и Херцеговина, Португалија, Словенија, Франција, Бугарија, Чешка, Шведска, Канада, Романија, Кореја, Италија, Холандија и Хрватска. Учествувала на повеќе од 37 колонии во земјата и во странство. мд/хс/

Фото: Тања Таневска

 

 

Остани поврзан