• петок, 05 декември 2025

Изложба „Билни прилагодувања“ на уметникот Оливер Мусовиќ

Изложба „Билни прилагодувања“ на уметникот Оливер Мусовиќ

Скопје, 24 октомври 2025 (МИА) - Во Музејот на современата уметност во Скопје вечер ќе биде отворена изложбата „Билни прилагодувања“ на Оливер Мусовиќ. Куратор на изложбата е Ивана Васева.

Со „Билни прилагодувања“ уметникот Оливер Мусовиќ обележува и 30 години активно творештво, односно 30 години од неговата прва самостојна изложба во Уметничката галерија во Битола, во 1995 година. Оваа изложба се случува 18 години од неговата претходна самостојна изложба „Уметникот“ во Музејот на современа уметност – Скопје во 2007 година. 

Во текстот на кураторката Ивана Васева за изложбата се наведува дека Оливер Мусовиќ (1971) е еден од најактивните уметници од земјава, кој е присутен на сцената од крајот на деведесеттите години, а оттогаш и активно се претставува на светските уметнички сцени.

- Во последните две години тој развива фотографски серии што ги обработуваат просторите на „третиот пејзаж“ населени со рудерални екологии, односно растенија што растат на урнатини (етимологијата е од латинскиот збор rudus, урнатини), кои ги предизвикуваат конвенционалните поими за ботаничката убавина и достојност, а според уметникот се и неопеани херои на опстанокот и инспирираат почит со нивната приспособливост, а кои често се отфрлаат како „плевел“, пишува Васева.

Во изложбата „Билни прилагодувања“ се вклучени сериите „Обраснато“ од 2023 година, „Рудерален хербариум“ од 2023-2025 година, „Рудерален хербариум на Сингапур“ од 2024 година, „Микроклими“ од 2024 година и „Атлас од сингапурски папратВИ“ од 2025 година, како и една серија од две фотографии, и единечна фотографија.

-Станува збор за истражувачки потфат манифестиран во неколку групи на фотографии, некои од нив придружени и со текст, во кои уметникот ги бележи природните феномени најчесто во форма на современи ботанички каталози, како и една дигитална публикација, целосно илустрирана и коавторирана со напредни јазични модели на ВИ, која е поставена на компјутер, за слободно разгледување. Тоа се дела што се создадени кога уметникот престојувал на уметнички резиденции во Австрија, Сингапур, Германија и Франција а кои веќе биле претставени пред тамошната публика (во Кунстраумакраде во Моeдлинг, Австрија, и во Уметничкиот музеј на Сингапур), а кои прв пат се претставуваат во земјава. Со овие серии претставени во рамки на изложбата „Билни прилагодувања“ се заокружува една истражувачка целина на авторот што забележала различни растителни видови и адаптации во различни клими низ светот, нагласува Васева.

Изложбата ќе биде отворена до 19 ноември 2025 година. мд/са/

Фото: Плакат

Остани поврзан