• понеделник, 23 декември 2024

Бадникови поворки на градскиот плоштад во Скопје и во останатите градови

Бадникови поворки на градскиот плоштад во Скопје и во останатите градови

Скопје, 6 јануари 2024 (МИА) - Под слоганот „Почувствувај радост“ и оваа година традиционално ќе се одржат Бадниковите поворки. Во Скопје празнувањето на Бадник почнува утринава на градскиот плоштад „Македонија“, а ќе се одбележи и во останатите градови и населени места во државата.

Како што објавија од Здружението „Бадникови поворки“, во 11 часот денеска на Градскиот плоштад во Скопје ќе биде доделена Златна ѕвезда за секое дете кое ќе учествува, а потоа ќе се одржи златен концерт со Златните славејчиња и македонските поп-ѕвезди - Вера Милошевска, Антониа Гиговска, Ламбе Алабаковски, Димитар Андоновски, Стефан (Некст тајм), Пере (Нокаут).

По краткиот концерт, учесниците ќе ја оформат најголемата бадникова поворка и преку Камениот мост ќе се упатат кон Соборниот храм „Св. Климент Охридски" каде што традиционално сите коледарчиња ќе бидат пречекани и дарувани од Архиепископот Охридски и Македонски г.г.Стефан.

Истовремено, бадниковите поворки ќе се одржат и во останатите градови и населени места во државата.

-И во сите останати градови и населени места во Републиката, на 6-ти јануари ќе ечи „Вечниот Бог". Децата како симбол на Ангелите, со своите чисти души и искрени насмевки ќе го наговестуваат Христовото Раѓање! Зарем се пропушта вакво нешто, Сите во поворка!, велат од Здружението.

Градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски информираше дека и оваа година Општината дава поддршка на манифестацијата и ги повика сите деца да се приклучат на бадниковите поворки.

-Збирно место е црквата „Св. Јован Крстител” во 9:00 часот од каде што сите дечиња ќе се упатат кон општинската зграда, а јас како градоначалник ќе ги пречекам и ќе ги дарувам дечињата со божиќно пакетче, напиша Костовски на Фејсбук.

За таа цел, како што посочува, Општина Бутел организира автобуски превоз за сите деца. Автобусот поаѓа во 8:45 часот од СРЦ „Македонија”.

-Да ја продолжиме Божиќната магија во општина Бутел и оваа година!, се вели на фејсбук страницата на градоначалникот.

И Општина Гази Баба се приклучи кон организирање на Бадниковите поворки.

-Традиционално и оваа година, како градоначалник на општина Гази Баба се приклучувам на организираните бадникови поворки по повод Бадник, денот пред Христовото раѓање - Божиќ. За таа цел во сабота во просториите на општината ќе ги пречекам сите дечиња кои ќе ги даруваме со божиќни пакетчиња и потоа сите заедно ќе продолжиме на бадниковите поворки на плоштадот Македонија во Центар, напиша на Фејсбук градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски.

Општина Гази Баба организира и бесплатен автобуски превоз и тоа од Нова Колонија и од Црешево.

Бадниковата поворка на Демир Капија ќе тргне во 12 часот од Градскиот плоштад и ќе заврши во Црквата „Успение на Пресвета Богородица".

Во Битола собирно место за Бадниковата поворка е пред Офицерскиот дом во 11 часот.

На Фејсбук страната на Бадниковите поворки се објавени местата каде што ќе се собираат дечињата во сабота на 6 јануари во повеќе општини во земјата. бт/ац/

Фото: Фејсбук страница на Здружението „Бадникови поворки“

Остани поврзан