• недела, 22 декември 2024

Ревија на наградувани македонски филмови во Белград

Ревија на наградувани македонски филмови во Белград

Скопје, 14 ноември 2024 (МИА) – Во Културниот центар Пароброд од Белград, денеска започнува првата Ревија на македонскиот филм, посветена на наградуваните македонски филмови кои освоиле признанија на меѓународни фестивали.

Како што се наведува во соопштението на организаторите, на манифестацијата ќе бидат прикажани документарци, играни филмови и класики од македонската кинематографија, а свои музички настапи ќе имаат „Пијан Славеј“ и „Новоградска“. 

– Српската ревија на македонскиот филм е замислена како тридневен настан што ќе понуди филмски проекции од врвни македонски автори, збогатени со музички и уметнички програми, претворајќи го настанот во вистински празник на македонската култура и уметност. Македонската култура, особено македонскиот филм и музиката, се дел од богато наследство, каде традиционалните и современите вредности се испреплетуваат на еден возбудлив начин што луѓето во Србија често го чувствуваат како свое. Ова чувство произлегува не само од заедничкото општествено-политичко минато, туку и од уметничките врски меѓу овие простори, каде културата и уметноста служеле и продолжуваат да служат како поврзувачка нишка на Балканот, се вели во соопштението.

Фестивалот ќе биде отворен со документарниот филм „Медена земја,“ кој беше двојно номиниран за Оскар и победник на Санденс фестивалот, со што испиша историја на македонската и светската кинематографија. Проекцијата ќе биде проследена со разговор со режисерката Тамара Котевска, која ќе ги пренесе уникатните искуства од работата на филмот, а ден потоа ќе одржи мастер клас со студентите по филмска режија. Меѓудругото, на манифестацијата ќе биде прикажан и филмот „Дае“ на режисерот Столе Попов, кој беше првиот македонски филм номиниран за Оскар во категоријата најдобар краткометражен филм во 1980 година, како и краткометражните филмови „Северен пол“ на Марија Апчевска, со освоени повеќе од 19 награди и номинација за Златна палма на Канскиот фестивал, и филмот „Бубачки“ на Игор Иванов, кој доби Златен леопард на филмскиот фестивал Локарно. ра/са.

Фото: КЦ Пароброд 

 

Остани поврзан