• четврток, 04 декември 2025

Гаши на Економскиот парламентарен форум на Парламентарното собрание на Медитеранот во Маракеш

Гаши на Економскиот парламентарен форум на Парламентарното собрание на Медитеранот во Маракеш

Скопје, 23 мај 2025 (МИА) - Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши денеска и утре ќе учествува на Економскиот парламентарен форум на земјите членките на Парламентарното собрание на Медитеранот (ПАМ), кој ќе се одржи во Маракеш, Мароко.

Како што информираат од собраниската прес-служба, на настанот ќе учествуваат и пратениците Сали Мурати, Калтрина Беќири и Дафина Стојаноска,членовите на Делегијата на ПСМ во Собранието на Република Северна Македонија.

Основни теми на Форумот се: Еволуцијата на меѓународната трговија и финансиите во регионот; Енергетската адаптација како повеќедимензионален пристап кон одржлив развој; Развојот и управувањето со вештачката интелигенција, со посебен акцент на улогата на парламентите во нејзината примена и регулација.

Во текот на своето учество на настанот, претседателот Гаши се очекува да оствари повеќе билатерални средби, со цел унапредување на соработката и размена на ставови по актуелни прашања.

Парламентарното собрание на Медитеранот е меѓународна организација основана во 2005 година од националните парламенти на земјите од Евро-медитеранскиот регион. Тоа е правен наследник на Конференцијата за безбедност и соработка во Медитеранот (КБСМ), започната во раните 90-ти. Парламентарното собрание на Медитеранот (ПАМ) е меѓународна организација, која ги обединува 34 парламенти-членки од Евро-медитеранскиот и Заливскиот регион за да дискутираат и да се соочат со критични прашања, како што се регионалните конфликти, безбедноста и борбата против тероризмот, хуманитарните кризи, економската интеграција, климатските промени, масовните миграции, образованието, човековите права и меѓуверскиот дијалог.фф/са/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан