• петок, 15 ноември 2024

Втор ден од регионалниот форум „Постигнувањата ги исцртуваат идните патеки во СНЕ и РРР“

Втор ден од регионалниот форум „Постигнувањата ги исцртуваат идните патеки во СНЕ и РРР“

Скопје, 28 јуни 2024 (МИА) -  На вториот ден од регионалниот форум „Постигнувањата ги исцртуваат идните патеки во СНЕ и РРР“ што се одржува во Скопје во организација на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), денеска ќе бидат споделени резултатите во областа на спречувањето насилен екстремизам и борбата против тероризам во земјава, во Албанија и во Косово.

Претставници на институциите и на граѓанските организации од трите држави ќе зборуваат за постигнувањата што заеднички ги направија сите вклучени актери, граѓанските организации, Националниот комитет за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам (НКСНЕБПТ) и поврзаните институции и другите агенции/организации.

На форумот ќе се обратат националните координатори на Северна Македонија, Златко Апостолоски, на Косово, Менсур Хоти и на Албанија, Лејди Дервиши, кои ќе се осврнат и на претстојните активности во оваа област што продолжуваат и во следниот период, како и на предизвиците коишто ги очекуваат сите вклучени. 

-Во претходните три години, заедно спроведовме доста активности преку кои работевме со повратниците и нивните семејства, со работниците од првата линија, со институциите и со медиумите. Во сите области на работа претстојат уште предизвици, но оваа прилика би сакале да ја искористиме за да се осврнеме на досегашните резултати. Првиот ден од Форумот беше посветен на придобивките од психосоцијалната поддршка во процесот на РРР, на економското зајакнување на странските терористички борци повратници и членовите на нивните семејства како и за зајакнувањето на работниците од првата линија. Денеска на вториот ден ќе се дискутира за постигнувањата поврзани со соработката и координацијата која започна како предизвик, а продолжи како потреба за сите вклучени, наведуваат организатрите.

Регионалниот форум е дел од програмата „Пат кон отпорност и реинтеграција на ранливите семејства во заедницата“ кој го поддржува ГЦЕРФ, а го спроведува МЦМС во партнерство со Нексус – граѓански концепт, Иницијатива за европска перспектива (ИЕП), Здружението за активен и здрав развој на жените и децата „Плеиадес“ и Здружението за граѓански активизам и охрабрување на општествената одговорност „Хоризон Цивитас“. вг/бак/

Фото: МИА Архива

 

Остани поврзан