• понеделник, 23 декември 2024

Во Скопје се одржува уличната трка „ХалкЕко Скопје трча 10км“

Во Скопје се одржува уличната трка „ХалкЕко Скопје трча 10км“

Скопје, 7 мај 2023 (МИА) - Во организација на Сојузот на спортови на Скопје, во соработка со А.К. Работнички и Триатлон федерација на Македонија, во Скопје денеска ќе се одржи уличната трка „ХалкЕко Скопје трча 10км“. Стартот и целта ќе бидат на булеварот „Илинден“ кај фонтаната „Лотос“.

Главен партнер е Халкбанк АД Скопје, додека покровители на трката се Градот Скопје и Агенцијата за Млади и спорт.

Како што информираат организаторите на трката, натпреварувачите пред самиот старт на трката ќе бидат сместени во пет стратни бокса, според времето кое тие го одбрале и ќе трчаат еден круг по дел од булеварите „Илинден“ и „Партизански одреди“ и улицата „Никола Парапунов“. Трката е од натпреварувачки карактер, за првите пет места во машка и женска конкуренција, ќе има парични награди. Со дипломи и пехари ќе бидат наградени и најбрзите во следните возрасни категории: од 35 до 44 години, од 45 до 54 години и над 55 години. Церемонијата на доделување на награди ќе започне по завршувањето на трката.

Низ улиците на Скопје денеска ќе има посебен сообраќаен режим. Улици и булевари кои ќе бидат затворени од 08:00 до 11:00 часот.

Затворени ќе бидат улиците: булевар „Илинден“ ( во двете насоки) од раскрсницата со булевар „Климент Охридски“ до раскрсница со улица „Никола Парапунов“, улица „Никола Парапунов“ од раскрсница со булевар „Илинден“ до раскрсница со булевар „Партизански одреди“ и булевар „Партизански одреди“ (во правец кон Ѓорче Петров) од раскрсница со улица „Љубљанска“ до раскрсница со Ангел Динев (мост Влајко).

Додека, пак, временски затворени ќе бидат улиците: булевар „8 Септември“ од раскрсница со булевар „Партизански одреди“ до улица „Скупи“ (кај Хубо маркет), улица „Бледски договор“ и сите улици кои се вкрстуваат со булевар „Илинден“ ќе бидат затворени за влез кон булевар „Илинден“.

Организаторите на трката ги повикуваат скопјани да излезат на булеварите „Илинден“ и „Партизански одреди“ и улицата „Никола Парапунов“ да ги поддржат сите натпреварувачи.фф/цр

Фото: Сојуз на спортови на Скопје

Остани поврзан