• петок, 05 декември 2025

Факултетот за ликовни уметности и Фонтис академијата со заедничка работилница за уметничко истражување

Факултетот за ликовни уметности и Фонтис академијата со заедничка работилница за уметничко истражување

Скопје, 24 ноември 2025 (МИА) - На Факултетот за ликовни уметности – Скопје денеска ќе се одржи предавање и специјализирана работилница, што ќе ги водат професорот Фалк Хубнер и истражувачката Хелен де Хун од Фонтис академијата за уметности од Холандија.

- Работилницата има за цел да ги претстави основните принципи на уметничкото истражување и да ги воведе учесниците во првите практични чекори на неговата примена. Таа е наменета за студенти по уметност, активни уметници и уметници-педагози од сите области и нивоа на искуство кои сакаат да го продлабочат своето знаење и да ја истражат улогата на уметникот како истражувач, информира ФЛУ - Скопје. 

Во текот на работилницата, учесниците ќе поминат низ мини-циклус на уметничко истражување, разгледувајќи ги фазите: формулирање истражувачко прашање, дефинирање метод, дизајнирање експеримент и претставување резултати. Преку овој процес, тие ќе го истражат преминот од уметник како практичар кон уметник како истражувач – учејќи како да ја претворат почетната љубопитност во јасно и издржано истражувачко прашање и како да развијат соодветен методолошки пристап. Работилницата ќе заврши со кратки презентации, на кои учесниците ќе ги споделат своите уметнички и перформативни резултати. 

- Настанот е базиран на најновата публикација со отворен пристап на Фалк Хубнер „Method, Methodology and Research Design in Artistic Research: Between Solid Routes and Emergent Pathways“, како и на методолошките пристапи развиени во рамките на магистерската програма Performing Public Space и истражувачката група Artistic Connective Practices при Фонтис академијата, соопшти ФЛУ-Скопје. 

Работилницата  ќе се одржи во библиотеката и предавалната на Факултетот за ликовни уметности, во кампусот „Педагошка“ во населба Карпош.  Ќе се одвива на англиски јазик.лв/са/

фото: ФЛУ Скопје 

Остани поврзан