• понеделник, 23 декември 2024

МКЦ Скопје домаќин на завршната конференција на европскиот проект Big Time Takeover

МКЦ Скопје домаќин на завршната конференција на европскиот проект Big Time Takeover

Скопје, 24 април 2023 (МИА) - ЈУ Младински културен центар Скопје денеска и утре ќе биде домаќин на завршната конференција во рамки на европскиот проект „Big Time Takeover”, со учество на културни работници и едукатори од Associazione culturale Mulab од Италија, Rinova Limited од Велика Британија, HFC-Hope for children CRC Policy Centar од Кипар и Fundacija Arteria од Полска.

Како што се наведува во соопштението, МКЦ од јуни 2021 година е дел од овој значаен меѓународен проект развиен преку „Ерасмус KA2 Програмата за соработка и инвовација и размена на добри пракси на Европската унија за стратешки партнерства, кои вклучуваат образовни програми за млади“.

-Проектот има за цел да ги поттикне младите да ја користат својата креативна моќ и потенцијалот на модерната технологија за да проговорот на прашањата што ја засегаат заедницата. МКЦ во овој проект ја согледува можноста да ги вклучи младите во креирање на содржина што е во склоп на проектните активности и цели, но најмногу во интерес на сегашната итност во креирање на грижлив пристап кон природата, посочуваат од МКЦ.

Јавниот дел на програмата се состои од изложба која ќе биде отворена вечер во Галерија 2 (над Кино Фросина) во 18:30 часот, која нуди можност да се запознаат учесниците и да се претстави документација на активностите на сите партнери од проектот.

Од Република Северна Македонија ќе биде претставен трудот на ученичките Ева Божиновска, од С.У.Г.С .„Никола Карев” во Скопје, која ја напиша приказната „Гаја и Градината”, дистописка претстава за свет во кој се губи контактот со природата, која потоа беше илустрирана од Елена Апостоловска, Мирјана Спасоска и Јана Стефановска, ученички во втора година во средното уметничко училиште ДСУЛУД „Лазар Личеноски” во Скопје, на одделот за мултимедија. Во тек е подготовка на публикација која ќе биде промовирана пред јавноста во текот на месец мај 2023.

Според агендата, утре со почеток во 10:00 часот во Кино Фросина, ќе се одржи завршната конференција. Воведен збор ќе имаат Маргарита Арсова, координаторка на проектот од страна на МКЦ заедно со Христина Иваноска и Јане Чаловски, визуелни уметници и ментори. Ќе следува презентација на Хајан Ал Халаби, познавач во областа на пермакултурата и соработник во проектот „ГРАДИДНИНА: Градината како инструмент, пермакултура како методологија“.

Ќе следат презентации на партнерите Сара Симеоне и Барбара Руиз Лопез, Матерахуб од Италија, Енцо Пелегрини и Ана Марија Пиколи, Мулаб од Италија, Венанцјуш Охманод Фондацијата Артерија од Полска, Андреа-Фотини Хаџиконстантину и Аријана Тортели, од организацијата Надеж за деца, од Кипар, како и Тревор Бурџис, од оранизацијата Ринова од Лондон, Велика Британија, најавуваат од МКЦ. вг/са/

Остани поврзан