• сабота, 21 декември 2024

Националната конференција за клима: Праведната транзиција треба да овозможи квалитетен живот и економски развој на регионот

Националната конференција за клима: Праведната транзиција треба да овозможи квалитетен живот и економски развој на регионот
Скопје, 7 април 2021 (МИА) - Кој е патот што Северна Македонија треба да го оди за да реализира праведна транзиција, пред сѐ, во енергетскиот сектор? Имаме ли ние точно издефинирано што подразбира праведна транзиција и дали ги опфаќа само вработените луѓе во одреден рудник или фабрика? Ова се дел од прашањата кои што беа отворени на денешната онлајн дискусија на тема „Праведна транзиција“, во рамките на Националната конференција за клима. Патот по кој нашата земја се движи e почнат, но мора да се вклучат сите релевантни институции, граѓанскиот сектор, локалното население, се согласија учесниците. Транзицијата на рудникот „Осломеј“ од Кичево беше земен како пример на кој конкретно се работи. - Транзицијата не ги допира само вработените во одредена фабрика, но ги засега сите граѓани на различен начин. Влијанијата се и економски, социјални и културни. Проблемот не застанува кај вработените, овие нови невработени се соочуваат со големи проблеми во нивниот живот, смета Невена Смилевска и додава дека треба навремено да се провери дали тие работници можат да се преквалификуваат или можеби предвреме да се пензионираат. Според Смилевска, многу е важно во која мера Кичевчани се воопшто консултирани, но дека нивната вклученост во одлуките не е доволна. Граѓаните имаат свои идеи за развој на нивниот регион. Задачата на оние што ја планираат праведната транзиција е да го овозможат квалитетниот живот и регионот да напредува, дури и кога ќе се затвори индустријата. Институциите, работниците, малите бизниси мора да се вклучат во тие консултации, вели таа. Смилевска посочи дека граѓанскиот сектор мора да се потруди најдобро што може да ги информира локалните заедници за процесите кои се случуваат. Елена Николовска од „Еко-свест“ се осврна на тоа што досега е направено како чекор напред кон праведната транзиција, конкретно во Кичевскиот регион. Таа посочи дека во македонската легислатива засега не е добро издефинирано што точно подразбира праведната транзиција, зашто, како што истакна, добрата дефиниција ќе значи и правилно планирање на сите процеси што треба да ги опфати таа. Николовска истакна дека е донесена енергетска стратегија 2020-2040, која предвидува напуштање на јагленот како енергенс до 2028 година. - Се предвидува енергетска транзиција на Осломеј со 120 мегавати фотоволтаични централи на местото на поранешниот рудник. Изработена е нацрт-програма за имплементација на стратегијата за енергија – програма за праведна транзиција една од мерките во документот. Македонија е земја-потписничка на декларацијата на Шилезија декларацијата за праведна транзиција и солидарност и ова значи дека сме се обврзале да превземеме некакви активности во оваа насока, заклучи Николовска. Свој придонес во дискусијата даде и Александру Мустата, претставник на CEE Bankwatch, низ конкретни примери од фабрики во Европа, која сподели информации за тоа каков е процесот на праведна транзиција. - Индустријата со јаглен отпушта многу работници, а постојат и нови алтернативни начини за производство на енергија. Меѓународните синдикати предлагаат решенија за работниците бидејќи нивните работни места беа под закана. Ако еден регион се фокусира само на туризам, на пример, еве посебно во период на пандемија, ќе се соочи со тешка ситуација. Кога се мисли на креирање работни места, не е непходно тоа повторно да биде некој голем работодавач. Никој не вели дека треба веднаш да се префрлите на обновливи видови енергија, можеби немате потенцијал за соларна енергија... Поентата е да не се најдете во иста ситуација, за 10 години пак да треба да ја менувате индустрија што загадува. Важно е да се мисли за алтернативи со нула емисии на јаглерод , вели Мустата. Тој посочи дека и Македонија треба да користи што е можно повеќе фондови кои даваат поддршка во оваа област. Смилевска додаде дека постојат финансиски средства кои можат да се искористат за помагање на оваа транзиција. Валентина Старделова од секторот енергија при Министерството за економија посочи дека праведната транзиција бара човечки кадар силно посветен на оваа проблематика. - Кога зборуваме за праведна транзиција треба да имаме комплексен приод. Не треба да мислиме само на Битола и Кичево, туку да ја опфатиме целата држава, рече Старделова. И соопшти дека моментално работат на нов закон за биогорива. Лилјана Јоноски од Рурална коалиција, појасни дека иако повеќе од 10 години е дел од граѓанскиот сектор во Кичево, не добила можност јавно да изрази свој став или да биде консултирана. Националната конференција за клима ја организираат „Еко-свест“, CNVP и Движењето на еколозите на Македонија, со поддршка на Европската Унија.  свс/сп/

Остани поврзан