Научници работат на „вештачко Сонце“ вредно 20 милијарди евра
- „Најголемата сложувалка на светот“ ќе се составува во малата општина Сен Пол-лес Дуранс во јужна Франција, од научници од целиот свет. Групата ИТЕР се состои од 27-те членки на Европската Уни
Марсеј, 29 јули 2020 (МИА) - Четиринаесет години откако добија зелено светло за проектот, група научници со седиште во Франција вчера почнаа да работат на уред што треба да покаже дали нуклеарната фузија, која е извор на енергија на Сонцето, може да биде безбеден и одржлив извор на енергија на Земјата.
„Уредот ИТЕР ќе биде составен од речиси еден милион компоненти, а првите експерименти треба да почнат во декември 2025 година. Фузијата обезбедува чиста и сигурна енергија без јаглерод“, се вели во соопштението од 35 земји потписнички на проектот.
Како што многумина ја нарекуваат - „Најголемата сложувалка на светот“ ќе се составува во малата општина Сен Пол-лес Дуранс во јужна Франција, од научници од целиот свет. Групата ИТЕР се состои од 27-те членки на Европската Унија, Швајцарија, Велика Британија, Индија, Јапонија, Јужна Кореја, Русија и САД.
Но, ова „вештачко Сонце“ е критикувано од некои еколози. Тие тоа го гледаат како научна илузија без гаранција дека ќе даде резултати и оти сѐ ова ќе биде „финансиска бездна“, како што коментираат од Гринпис.
„Фузијата е безбедна, користи мали количества гориво и нема физичка можност за несреќи... Горивото за фузијата може да се најде во морската вода и во литиумот, што значи дека има доволно извори за следните неколку милиони години“, се истакнува во извештајот.
Според научниците, реакторот би можел да ја достигне својата полна моќ во 2035 година.
Потфатот почнува по пет години одлагање. Буџетот за проектот денес изнесува речиси 20 милијарди евра - трипати повеќе отколку што беше првично предвидено. си/сд/