• понеделник, 23 декември 2024

Научните и еколошките организации од Северна Македонија и Албанија обединети против одржувањето трки со брзи чамци на Охридското Езеро

Научните и еколошките организации од Северна Македонија и Албанија обединети против одржувањето трки со брзи чамци на Охридското Езеро

Охрид, 16 јануари 2024 (МИА) – Одржувањето трка со брзи моторни чамци од серијата „Формула 1“ на Охридското Езеро, планирана за јули оваа година во албанскиот дел на езерото, е насилен акт врз таков уникатен еко-систем, неслучајно заштитен од УНЕСКО како светско природно наследство уште пред 50 години. Тоа беше посочено на денешната прес-конференција свикана во име на повеќе од 50 здруженија на граѓани, еколошки асоцијации и институции од земјава и од соседна Република Албанија, кои покренаа иницијатива за спречување  на одржување на настанот „F1H2O“.

Пред медиумите беа презентирани фактите по однос штетноста од одржувањето такви настани на езерото.

Претставници на научната фела и на невладините еколошки организации и здруженија укажуваат дека незамисливо е во услови кога целата светска научна јавност го смета Охридското Езеро за уникатен еколошки систем со над двеста ендемски видови жив свет, на него да се организираат такви грандиозни манифестации што во значајна мера придонесуваат за негова натамошна деградација која и повеќе од прифатливото веќе ја наметнува антропогениот фактор.

Директорката на Научната установа „Хидробиолоки завод – Охрид“, д-р Орхидеја Тасевска, во оваа прилика потсети на уникатното значење на Охридското Езеро на глобално ниво, препознаено, потврдено и поддржано со голем број закони и одлуки од страна на владите на двете држави, но и од најголемите меѓународни асоцијации и организации што се надлежни за заштита на природните реткости.

- Потенцијалното одржување ваков вид настан можеби е можност за туристичка промоција за нашите соседи, но за нас тоа е своевиден акт на насилство врз животната средина...Имаме огромен број основи за заштита на Охридското Езеро, а ние сме доведени во ситуација да се бориме за негова заштита, неговиот статус, но и генерално за заштита на природен феномен, живеалиште што постои повеќе од два милиони години, жариште на биодиверзитет со рекорден број ендемични видови гледано според големината...Жално е што краткорочни економски бенефити како потенцијалниот настан го зголемуваат антропогеното влијание врз Охридското Езеро односно наруѓувањето на еко-системот и негово забрзано стареење, рече Тасевска.

Негативните последици од целиот настан, според науката, се тристрани со физички, хемиски и биолошки односно еколошки промени во средината и како последица на нив – нарушен еко-систем.

- Апелираме и до македонската јавност, секако и до соседите да се избегнува организирање вакви настани, економската промоција и привлекување туристи да се бара преку неинвазивни методи како спортови на вода што се еколошки прифатливи...Се надевам дека нашиот апел како институција чија стратешка задача е заштита на Охридското Езеро ќе вроди со плод и дека нема да се одржат такви настани како предвидениот, рече Тасевска.

Константин Здравески, претседател на Еколошкото здружение „Еко-менолог“ од Охрид, во име на сите потписници на иницијативата, предупреди дека трката предвидено е да се одржи во литоралната зона на езерото односно крајбрежјето што е место со најголем био-диверзитет.

- Охридското Езеро не е место за организација на трки од Формула 1. Против такви трки се бунеле и други аосоцијации и здруженија во други држави, не случајно трките се откажани во Венеција и во Кина, предупреди Здравески.

Аријан Мероли, претставник на Албанија во Билатераллниот комитет за заштита на Охридското Езеро, во оваа прилика посочи дека за штетноста на организирањето вакви настани на езерото се предупредени сите институции во Албанија, информирана е ресорната министерка, испратено е писмо до Парламентот, но засега нема никаков одговор.

Она што најмногу го зачудува, како што посочи, е што албанските власти, независно обврската за сите активности да ја информираат македонската страна, министерката за животна средина и просторно планирање на РС Македонија воопшто не била запознаена со плановите  за организирање на настанот во Поградец.

- Како може да се организира таков настан без да се информира УНЕСКО, дали постои соработка меѓу двете држави, дали воопшто има меѓудржавна комуникација...Постои билатерален договор според која двапати годишно мора да се свикуваат состаноци. Од 2014 до 2021 година не одржан ниту еден таков состанок, предупреди Мероли, кој потести на заклучоците за Охридскиот регион посочени на последната сесија на Работниот комитет на УНЕСКО одржана во Ријад, Саудиска Арабија.

Проценките спроведени од страна на самиот организатор и стручни лица од областа на заштита на животната средина, покажуваат дека при евентуално одржување на трката ќе бидат ослободени приближно 1.639.089 килограми јаглероден диоксид (CO2), што во воздухот така и во самото езеро.

Тоа според покренувачите на иницијативата за спречување организација таков вид настани на Охридското Езеро, значи дека во водата и во воздухот за само неколку дена ќе бидат ослободени штетни гасови еквивалентни на оние што ги испуштаат моторните возила во регионот за цела година.

„Исто така ќе бидат потребни 4.300 метри квадратни паркинг-простор за да се сместат 43-те тимови или 129-172 камиони ангажирани за логистика на настанот. Самата стартна платформа ќе биде изградена во езерото на длабочина од 20 метри каде што се наоѓа литоралната зона, просторот каде се мрестат и живеат рибите од езерото“, предупредуваат иницијаторите на акцијата за спречување организација такви еколошко-неприфатливи настани на езерото.

Тие најавија дека до надлежните субјекти и институции на двете држави, како и до телата на УНЕСКО, ИУЦН, ИКОМОС ќе достават Петиција за преиспитување на плановите за одржување на настанот, истражување на алтернативите и спречување на натамошно оштетување на еко-системот на Охридското Езеро за да се зачува неговата природна убавина за идните генерации. аб/дма/

фото/МИА

 

Остани поврзан