• петок, 05 декември 2025

НАТО: Остро ги осудуваме злонамерните кибер активности на Русија

НАТО: Остро ги осудуваме злонамерните кибер активности на Русија

Брисел, 18 јули 2025 (МИА) – НАТО денеска соопшти дека остро ги осудува злонамерните кибер активности на Русија кои претставуваат закана за безбедноста на западните сојузници и ја повика Москва да престане со дестабилизирачките дејства.

Во соопштение објавено на веб-страницата на НАТО, Северноатлантскиот совет наведе дека Естонија, Франција, Велика Британија и САД неодамна ѝ ги припишале на руската воена разузнавачка служба (ГРУ) злонамерните кибер активности насочени против неколку членки на НАТО и Украина.

Ова главно тело на НАТО за донесување политички одлуки потсетува дека Германија и Чешка во 2024 година поединечно ѝ припишале такви активности на руската хакерска група APT 28, финансирана од ГРУ, и додава дека „со загриженост забележува дека на мета на истиот актер се нашле и други владини ентитети, оператори на клучна инфраструктура и други субјекти низ алијансата“.

- Континуираните напади врз нашата клучна инфраструктура, со штетни влијанија во неколку сектори, илустрираат колку кибер и пошироко хибридните закани станаа важни алатки во кампањата на Русија насочена кон дестабилизација на сојузниците, и во бруталната и со ништо не предизвикана агресорска војна на Русија против Украина, наведува Северноатлантскиот совет.

Советот ја повика Русија „да ги прекине дестабилизирачките кибер и хибридни активности, кои покажуваат руско непочитување на рамката на Обединетите нации за одговорно однесување на државите во кибер просторот, која Русија тврди дека ја почитува“.

- Руските акции нема да ја одвратат поддршката на сојузниците за Украина. Ќе продолжиме да ги користиме лекциите научени од војната против Украина во спротивставувањето на руските злонамерни кибер активности, додава Советот.

Ова тело наведува и дека НАТО се залага за слободен, отворен, мирен и безбеден кибер простор и ги повикува сите држави, вклучително и Русија, да ги почитуваат своите меѓународни обврски, и кога дејствуваат во кибер просторот, и да дејствуваат во согласност со рамката на ОН за одговорно однесување на државите во кибер просторот.

- Остануваме обединети во нашата решеност да се спротивставиме, ограничиме и да ги оспориме руските злонамерни кибер активности и инвестираме во нашата одбрана. Решени сме да ги употребиме сите можности за да ги одвратиме, одбраниме и да се спротивставиме на целиот спектар на кибер закани. Ќе одговориме на нив во време и на начин што ние ќе ги избереме, во согласност со меѓународното право и во координација со нашите меѓународни партнери, вклучувајќи ја и ЕУ, наведе Северноатлантскиот совет. јт/

Фото: МИА архива

Остани поврзан