• сабота, 16 ноември 2024

Народниот правобранител ќе го испитува случајот за ученичката со Даунов синдром од Гостивар

Народниот правобранител ќе го испитува случајот за ученичката со Даунов синдром од Гостивар
Скопје, 3 февруари 2022 (МИА) - Народниот правобранител, по објавата за случајот со ученичката со Даунов синдром од Гостивар која не била прифатена од родителите на учениците од класот и наставата ја следела во посебна просторија, формира предмет по сопствена иницијатива и испрати тим во училиштето за да го испита случајот. Како што се наведува во соопштението на Народниот правобранител, случајот покажува голема незрелост на општеството, кое ни оддалеку не е подготвено во пракса да ја имплементира домашната и меѓународната регулатива која се однесува на инклузивноста на овие лица во секојдневниот живот. Според Народниот правобранител, недозволиво е овие ученици да бидат жртва на непоготвеноста на поединци да ги прифатат различностите и на истите да им биде отежнат пристапот до образовниот процес, кој со Устав и со закон им е гарантиран на сите подеднакво, без елементи на каква било дискриминација. Впрочем, како што се наведува во соопштението, изминатите години сите чинители во општеството кои се занимаваат со оваа проблематика, вклучувајки ја и институцијата Народен правобранител дадоа голем придонес во реформите во образовниот просцес, токму во делот кој се однесува на инклузивноста на учениците, затоа што различноста не смее да биде сфатена како казна, како што тоа е направено во конкретниот случај. Народниот правобранител ги охрабрува родителите за вакви случаи да не молчат, туку да се обратат до институциите, со цел навремена заштита на правата на нивните деца гарантирани со законите. Исто така, смета дека е добро што медиумите покажуваат сензибилност и ги објавуваат сториите, но укажува на фактот дека при објавувањето на овие стории мора максимално да се води сметка за заштита на најдобриот интерес на детето и да се избегнуваат експлицитни кадри или фотографии од децата.бт/дма/

Остани поврзан