Народната банка го објави конкурсот за Годишната награда за млади истражувачи
- Право за учество имаат државјаните на Република Северна Македонија на возраст до 35 години. На конкурсот не може да учествуваат вработените во Народната банка и членовите на Советот на централната банка. Еден автор има право да поднесе само еден труд, а трудовите се поднесуваат на македонски, албански или на англиски јазик. Може да се конкурира и со труд којшто е веќе објавен, но не пред 1 јануари 2024 година. При поднесување на трудот којшто веќе бил објавен, авторот треба да наведе кога и каде бил објавен трудот.
Скопје, 17 јуни 2025 (МИА) - Народната банка го објави конкурсот за Годишната награда за млади истражувачи за најдобар труд од областа на макроекономијата и банкарството за 2026 година. Наградата се доделува заради поттикнување на развојот на научната мисла и изработка на трудови од областа на макроекономијата и банките и банкарските системи, како и афирмација на млади и стручни кадри.
Право за учество имаат државјаните на Република Северна Македонија на возраст до 35 години. На конкурсот не може да учествуваат вработените во Народната банка и членовите на Советот на централната банка.
Еден автор има право да поднесе само еден труд, а трудовите се поднесуваат на македонски, албански или на англиски јазик.
Може да се конкурира и со труд којшто е веќе објавен, но не пред 1 јануари 2024 година. При поднесување на трудот којшто веќе бил објавен, авторот треба да наведе кога и каде бил објавен трудот.
Tрудот треба задолжително да содржи осврт кон македонската економија на соодветната тема. Не смее да надминува 80.000 карактери со празните места (без фуснотите, прилозите, графиконите, табелите, апстрактот, библиографијата, анексите) и препорачливо е да има стандардна структура на научно истражување што ги содржи основните делови - апстракт, осврт на консултираната литература од областа којашто се истражува, опис на методите на истражување коишто се користат во трудот, анализа, заклучни согледувања и библиографија.
Авторските трудови треба да се поднесат до Народната банка со назнака „За Годишната награда на Народната банка на Република Северна Македонија“, по електронски пат, во формат „word“, на е-адресата: konkurs@nbrm.mk. Покрај трудот, авторот треба да достави и биографски податоци. Доставените трудови ќе имаат третман на материјали со доверлив карактер.
Краен рок за доставување на трудовите е 1 февруари 2026 година.
Наградата е во парична форма, којашто за првонаградениот труд изнесува 130.000 денари, додека втората награда изнесува 65.000 денари. бак/мд/
Фото: Народна банка