• недела, 22 декември 2024

Наришкин: Улогата на НАТО во украинските ракетни напади на Русија нема да помине неказнето

Наришкин: Улогата на НАТО во украинските ракетни напади на Русија нема да помине неказнето

Москва, 20 ноември 2024 (МИА) - Обидите на одредени земји од НАТО да ги олеснат украинските напади длабоко на руска територија со обезбедување ракети со долг дострел нема да останат неказнети, предупреди денеска директорот на Службата за надворешно разузнавање на Руската Федерација, Сергеј Наришкин.

Тој посочи дека проширувањето на листата на причини за руската употреба на нуклеарно оружје практично гарантира дека Русија не може да биде поразена на бојното поле.

„Нашите непријатели се принудени да признаат дека решеноста на рускиот претседател цврсто да ги брани фундаменталните интереси на земјата со сите расположливи средства го стеснува просторот за маневрирање на Вашингтон и на Брисел, изјави Наришкин во интервју за руското списание „Национална одбрана“.

Ажурираната доктрина предвидува дека основата за нуклеарен напад може да биде агресија врз Русија и нејзините сојузници од која било ненуклеарна држава со поддршка на нуклеарна држава, како и масовен воздушен напад со ненуклеарни средства, особено беспилотни летала.

Рускиот претседател Владимир Путин најави дека ќе се направат измени во документот уште во септември оваа година, кога Западот првпат почна да ја разгледува можноста за удар длабоко во Русија.

Руското Министерство за одбрана во вторникот објави дека украинските вооружени сили претходната ноќ извршиле напад со шест балистички ракети ATAКМС во областа Брјанск.

Светските медиуми во неделата објавија дека САД ја овластиле Украина да користи крстаречки ракети со долг дострел ATAКМС за напади длабоко на руска територија. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан